Ракомет: Менде Петлески, нов тренер на Жито Прилеп
Очекував понуда да покажам колку можам – вели професорот
Професорот по физичка култура, со специјалност ракомет, Менде Петлески (27) е нов тренер на женскиот тим од Жито Прилеп, по разидување на клубот и разделбата со Ристо Магдинчев. Петлески доаѓа од младинско – кадетската школа. Имаше кариера како лево крило во ТК Бренд, МРК Вардар и Вардар про. Првпат води сениорски тим. Прифатив, подготвен со знаење од студиите, искуство како играч и младински репрезентативец. Соработував со искусните колеги Аце Станковски, Гино Стрезовски… Не се плашам, туку со нетрпение ја чекав понудава – вели Петлески. На првиот собир беа 13 првотимки: Наумоска, Дурланова, Павичевиќ, Т. Стојановиќ, Мркиќ, Цветановска, Штериева, Аџулеска, Илиеска, Серафимовска, Матановиќ, А. Стојановиќ и Кликовац, а оправдано отсуствуваа Јаломитеану и Петковска. Предстои вклопување на новиот стратег и обратно. Сите ги запознав преку тренинзите и мечевите. Со напорна работа ќе дојдат резултатите – смета Петлески.
Нема датум за Заечар
Планирани се пријателски на Жито Прилеп, а првенствените тешко се закажуваат. Одложената од 1. коло дома со српскиот Заечар нема датум, поради настап на хрватски репрезентативки на СП. Само се знае дека Будуќност доаѓа на 19 јануари.