Изложба на 30 дела од кичевската ликовна колонија ќе биде отворена вечерва од 19.30 часот во ликовниот салон на ЦК ,,Марко Цепенков,,. Ќе се претстават уметници од земјава и странство, кои сликаа на 23-то издание на колонијата. Меѓу дваесетината уметници од повеќе земји, учествуваше и прилепскиот уметник Тони Чатлески.
Ќе се видат различни светови и индивидуални пристапи на ликовните образци на уметниците.
– Преку својот ликовен говор, творците се обидуваат да воспостават нова врска меѓу духот и сопственото време и да ја откријат и непознатата страна на вистината. Станува збор за комуникација или нова визуелна размена на мислења преку делата во акрил на платно, масло на платно, комбинирана техника, како и скулптури од метал и од дрво – велат организаторите на колонијата.