ПИКТОГРАМИ  ОД СВЕТЛАНА ПОПОВА И МАРИЈА ШТЕРЈОВА

Изложба

“Пиктограми” е изложба на 33 слики од Светлана Попова и Марија Штерјова што ќе биде отворена вечерва од 19 часот во фоајето од ЦК “Марко Цепенков”. Симболиката на преносното значење на знаците, да се препознаат, прочитаат, почувствуваат, универзалноста на математички совршениот бескраен универзум, пресликан во фантастичниот мал Фибоначи човек, е лајтмотивот на  изложбата.

Авторката м-р Светлана Попова од Штип е родена прилепчанка. Растена е во чколијата, чошињата и чаршијата. М-р Марија Штерјова е штипско моме. Тие се  две различности, две професии, две искуства. Работејќи заедно создаваат уметничко искуство. Ги поврзала љубовта кон боите, платното, четките… Резултатот е видлив. Секое парче резонира со суштината на животот, раскошот на љубовта, битот на семејството, визијата кон инднината, а се преку универзалниот јазик на симболите.

“ПИКТОГРАМИТЕ”, во своите творби не само што ја прославуваат убавината на светот, туку пренесуваат наратив на емоции, искуства и врски, поканувајќи ги гледачите да ги истражат длабочините на човековото изразување, втурнувајќи се длабоко во значењето на сликовниот јазик и сопствената душа.

– Сликите се изработени во акрил на платно, панел и хартија, со различни димензии, со јаки контрасти на бои, со слободни движења на сликарската четка со огромна големина. Работени се од 2019 до 2024 година –  велат авторките.

Loading