ОУ “Климент Охридски”
Надарените ученици од петто до деветто одделение од ОУ “Климент Охридски” на наставата за проширување на знаењата се забавуваа на поинаков начин за Halloween – Ноќта на вештерките, празник карактеристичен за Американците. Наставничките по англиски јазик, Билјана Наумоска, Весна Јонзоска, Соња Ташкоска, Фросина Ацевска, Виолета Пацаноска го доловија Денот со забава. Преку разни игри – најдобра маска, амкање јаболка и со гостин од Америка, ја пренесоа традицијата, децата научија за обележјата на Ноќта на вештерките, се забавуваа и дружеа под маски. Дури организаторите се погрижија и за амбиентот да биде со различни украси во портокалова боја, фенерчиња од тиква и најглавно, маскирани деца и наставнички како вештери и вештерки.
– Децата беа задоволни од дружењето, оти доживеаа друга димензија на славење на необичен начин, на еден, за нив, непознат празник – вели наставничката Наумоска.
А децата се веселеа и радуваа на училишниот ден под маски.
– Се забавувавме и беше интересно, оти ме потсетуваше на Прочка – вели ученичката Мила Ристеска.
– Прекрасно. Добра забава со изборот на најкреативни маски – вели Ангелина Јованоска.
– Игравме и пеевме заедно со гостинот од САД, Ник, кој ни раскажа за традицијата – пренесе Марија Самарџиоска.
– Сите различно се маскиравме и добивавме награди. Уживавме во амкањето јаболка, оти требаше храброст и итрина. Доживувањето е за паметење, оти имаше игри, музика, смеа, забава и дружење – рече Верица Христоска.
– Амкање јаболка беше најатрактивно. Сите се мачеа да го фатат јаболкото на површината на водата, а јас како најпаметен, нуркав во леѓенот и од едното јаболко што го фатив ми остана само едно парче во устата, а победникот, Ана Плетварец, всушност го фати јаболкото што го гризнав прво – вели ученикот Михаил Талески.
– Се маскирав во ѓавол и ги “плашев” другите. И в година пак ќе се дружиме – вели ученикот Петар Петрески.
– Според наставната програма ги учевме обележјата на празникот, одбрани бои, традиција. Се верувало дека со маскирање ќе се избркаат лошите сили – духови кои излегувале наредниот ден. Поради сличноста го поврзавме и со нашата Прочка – објасни наставничката Весна Јонзоска.