ПОД МАСКИ ЗА HALLOWEEN

ОУ “Климент Охридски”

Strasni maskiНадарените ученици од петто до деветто одделение од ОУ “Климент Охридски” на наставата за проширување на знаењата се забавуваа на поинаков начин за Halloween – Ноќта на вештерките, празник карактеристичен за Американците. Наставничките по англиски јазик, Билјана Наумоска, Весна Јонзоска, Соња Ташкоска, Фросина Ацевска, Виолета Пацаноска го доловија Денот со забава. Преку разни игри – најдобра маска, амкање јаболка и со гостин од Америка, ја пренесоа традицијата, децата научија за обележјата на Ноќта на вештерките, се забавуваа и дружеа под маски. Дури организаторите се погрижија и за амбиентот да биде со различни украси во портокалова боја, фенерчиња од тиква и најглавно, маскирани деца и наставнички како вештери и вештерки.

– Децата беа задоволни од дружењето, оти доживеаа друга димензија на славење на необичен начин, на еден, за нив, непознат празник – вели наставничката Наумоска.

А децата се веселеа и радуваа на училишниот ден под маски.

– Се забавувавме и беше интересно, оти ме потсетуваше на Прочка – вели ученичката Мила Ристеска.

– Прекрасно. Добра забава со изборот на најкреативни маски – вели Ангелина Јованоска.

– Игравме и пеевме заедно со гостинот од САД, Ник, кој ни раскажа за традицијата – пренесе Марија Самарџиоска.

– Сите различно се маскиравме и добивавме награди. Уживавме во амкањето јаболка, оти требаше храброст и итрина. Доживувањето е за паметење, оти имаше игри, музика, смеа, забава и дружење –  рече Верица Христоска.

– Амкање јаболка беше најатрактивно. Сите се мачеа да го фатат јаболкото на површината на водата, а јас како најпаметен, нуркав во леѓенот и од едното јаболко што го фатив ми остана само едно парче во устата, а победникот, Ана Плетварец, всушност го фати јаболкото што го гризнав прво – вели ученикот Михаил Талески.

– Се маскирав во ѓавол и ги “плашев” другите. И в година пак ќе се дружиме – вели ученикот Петар Петрески.

– Според наставната програма ги учевме обележјата на празникот, одбрани бои, традиција. Се верувало дека со маскирање ќе се избркаат лошите сили – духови кои излегувале наредниот ден. Поради сличноста го поврзавме и со нашата Прочка – објасни наставничката Весна Јонзоска.

Loading