ЧЕТКА, МЕСТО ЧАЈАНКА

Брзото сликање станува традиција

Под мотото “Уметниците за Осми Март,  ЦК “Марко Цепенков”, четвртпат го одбележува празникот на жената. На манифестацијата  “Брзо сликање”, уметниците – членки на ДЛУП, на покреативен начин го славеа меѓународниот ден на жената. Наместо чајанки и ора и чочеци, наместо веселби, тие ги претворија инспирациите во дела на хартија. Поинакво видување на Денот имаа уметниците Бети Макеска, Емилија Ѓорѓиоска – Димоска, Вера Николоска, Наде Тоскоска, Маја Костоска, Анита Сотироска, Лепа Милошевска и Александра Ацеска. Создадените 20 дела ќе се видат на изложба.

– Брзото сликање импресионира дел од граѓаните. Љубопитните го следеа часовното пренесување на имагинациите со потезите на четката со рапсодијата на боите. Уметниците уживаа набљудувани со очите на мераклиите на сликарството.

– Ја негуваме традицијата на општо задоволство и за афирмација на уметноста – велат од Центарот за култура.

Центарот, на 22 март, под мотото “Уметниците за Трескавец”, ќе организира аукција на дела од уметници од целата земја. Собраните пари ќе се донираат за обновата на манастирот Трескавец.

Loading