ЈОВАН КРСТИТЕЛ, А НЕ ПОКРСТИТЕЛ

Филм на една од нашите телевизии. Темата е животот на Исус Христос. Преводот, како и обично, преполн со јазични грешки. Не може човек сите да ги запише. Ќе се задржиме на една грешка која се повторуваше мошне често. Стануваше збор за Јован Крстител и за крштавањето што го извршува тој на луѓето. Тој чин се извршува во реката Јордан. Според Библијата, со нуркањето во водата човекот се ослободува, се очистува од гревот. Кај Јован доаѓа и Христос и бидува крстен. Немаме намера да се зафаќаме со толкување на Библијата. Таа работа е широка и комплексна и не чувствуваме во себе моќ да навлегуваме во детални анализи. Но, она за кое сакаме да му забележиме на преведувачот е сосема јасно и познато. Преведувачот напишал дека Христос е ПОКРСТЕН од Јован. Дека Јован врши ПОКРСТУВАЊЕ. Тука е грешката и, според нас, таа грешка не е мала. Јован не го ПОКРСТУВА Христос, туку го КРШТАВА. Христос е КРСТЕН од Јован, а не ПОКРСТЕН. Има разлика меѓу зборовите КРСТЕН и ПОКРСТЕН. Чудно е зошто преведувачот не го чувствува тоа! Името на Јован е многу познато меѓу луѓето. Тој има и неколку празници во годината. Тој е Јован КРСТИТЕЛ. Значи, тој КРШТАВА, а не ПОКРСТУВА. Покрстувањето е нешто друго. Да речеме, покрстен е човек што ја прифатил христијанската религија. Покрстувани се цели народи. Словените ја прифатиле христијанската религија, се ПОКРСТИЛЕ. Но, Христос се КРСТИЛ, а не се ПОКРСТИЛ. Религијата, која според него, ќе се нарече ХРИСТИЈАНСКА, се развива подоцна, по неговото воскресение. Зборот ПОКРСТУВАЊЕ може да се употреби и во една поинаква смисла. На пример, зачленување во некоја илегална организација. Некогаш комитите, поточно војводите, покрстувале нови членови во организацијата. Членови кои ги прифаќале правилата и целите на соодветната организација. Се ПОКРСТИЛЕ. Преведувачот прави и друга грешка. Рековме дека не можеме да ги нотираме сите, но барем она што го запаметивме. Во филмот се споменува и таткото на Јован Крстител – Захариј. Таму, во титлуваниот текст, постојано читаме ЗАХАРИЕ. Грешките од ваков вид се мошне чести. За среќа, овојпат името на Мојсеј беше правилно предадено, а во други случаи, мошне често го слушаме и го читаме – МОЈСИЕ, како што е конкретниов случај со ЗАХАРИЕ. Завршоците ИЕ (ИЈЕ) не се својствени за нашиот јазик. Тие се преземени од српскиот. Кај нас таквите имиња гласат – Благоја (Благој), Захарија (Захариј), Методија (Методиј), Арсенија (Арсениј) и така натаму. Благое, Захарие, Методие, Арсение, Мојсие, не смеат да се употребуваат во македонскиот јазик.

Ќе набележиме уште една грешка, овојпат, не од филмот.

Слушавме на телевизија изјава на еден свештеник. Објаснуваше нешто за личност која чувствувала потреба од средба со свештеник. Во таа проблематика нема да навлегуваме. Нé не интересира тоа за што била потребна таа средба. Ќе пренесеме само една порака од свештеникот. Од разговорот со споменатата личност свештеникот извлекол заклучок, кој ни го пренесе вака: “Не е грев, ако некому ПОСУДИМЕ пари”. Досега не сме чуле некој да го употребува овој глагол, кој на македонски гласи – ПОЗАЈМИ. Употребата на овој збор од страна на свештеникот делува малку збунувачки. Од каде ли му дојде на ум овој глагол?! Глаголот ПОЗАЈМИ (позајмува) е премногу познат и премногу употребуван. Го слушаме секојдневно. Не е тоа некој збор што е својствен само на некои слоеви, на некои интелектуални кругови. Го знаат и децата и возрасните. И затоа зачудува фактот што го употребува свештеникот овој збор.

Оче, не е грев, ако ПОЗАЈМИМЕ пари некому. Напротив, тоа е многу хумано, многу благородно. Но, грев е ако го употребуваме глаголот ПОСУДИТИ, кој не е наш.

Но, ајде, простено нека ти е и уште еднаш да не грешиш.

Благоја Ивчески

Loading