ФУНКЦИОНЕР

Во поодамнешно време, во Југославија, во повеќе театри се играше комедијата од Фадил Хаџиќ, чиј оригинален наслов (на српско – хрватски) гласеше – “Човек на положај”. Интересна беше комедијата. Решивме да ја играме и ние, во прилепскиот театар. Му ја дадовме да ја преведува на Миле Попоски, одличен познавач на македонскиот јазик и уште подобар преведувач. Рече дека преводот ќе биде готов за седум – осум дена. Приближно во тој период, се сретнавме со Милета некаде околу пазарот. Меѓу другото, го прашавме до каде е со преводот. Интересно! Тој вели дека сé е готово освен насловот. До тој момент за вакво нешто не сме размислувале, дека токму насловот ќе биде некаков проблем. Се разделивме. Почна да ни се врти во главата тоа. Навистина не е многу едноставно. “Човек на положај”! Како ќе биде тоа на македонски? Сигурно не може да биде “Човек на положба”. А како? Значи Миле го превел целиот текст, а му останал само насловот. И нашол најпосле решение. Успешно. Насловот на комедијата ќе гласи – “Функционер”. Рековме, дотогаш не сме размислувале за тој збор, а требало! Ете и Миле Попоски сфатил дека српската именка “положај” не е баш иста со значењето со нашата “положба”. Зошто на нашиве новинари, коментатори, политичари, преведувачи и други не им паѓа тоа в очи? Како војници, кога не учеа (на српски) како да заземеме борбени позиции, ни командуваа – НА ПОЛОЖАЈ! Може ли на нашиве денешни војници да им се командува – “На положба”? Не оди! Постои нијанса меѓу српското ПОЛОЖАЈ и нашето ПОЛОЖБА. Кај нас човек да биде во седната положба, легната положба. Може на некого да му е тешка социјалната положба. Но, ако е некој на некоја висока функција, да речеме – премиер, не можеме да кажеме дека е на висока положба. А слушаме редовно, секојдневно, дека тој и тој ја злоупотребувал службената положба. Ова го пишуваме во моментите кога чувме дека некој наш висок политичар бил прогласен за персона нон грата во Америка. Тоа го чувме на емисија од радио. Премногу пати се повторуваше тој збор, дека односниот политичар ја злоупотребувал службената положба. Нема никаква потреба да се поведуваме по српскиот израз. Најдобро е кај нас да се рече дека е злоупотребувана СЛУЖБЕНАТА ДОЛЖНОСТ, а не ПОЛОЖБА. И уште нешто за конкретниов случај. Чувме во емисијата дека против односниот господин пристигнувале подолго време различни поплаки и пријави. Нормално е, штом се повеќе, тие серазлични, не можат да бидат исти. Зошто не се прави разлика меѓу “разни” и “различни”. Овде станува збор за разни поплаки и пријави. Разни, од разни страни, од разни места, и секако дека се различни. И оваа недоследност ја слушаме често. Некој политичар посетил различни земји. Се разбира дека се различни, не постојат исти земји. Станува збор за РАЗНИ земји, секакви, богати, сиромашни, мали, големи. Секако дека тие се различни.

Сакале или несакале, најголемата вина ќе ја припишеме на медиумите. Грешки насекаде, а телевизорот (или радиото) секогаш се пуштени. Разно – разни емисии, а грешки во сите.

Ајде, да не им остане атер на медиумите, да не си речат дека само нив ги критикуваме. Ќе се префрлиме во една друга област. Шетавме низ пазарот. Меѓу другите производи, многу јаболка. Постои една сорта која се вика – “Ајдаред”. Продавачот, со крупни букви напишал “Ајдарец”. Поминавме крај штанд со пиперки и домати. Продавачката не влече за ракав: – изволте, изволте! Купивме домати. Се смешкаме, и велиме: – А зошто изволте? Зошто не повелете, на македонски. – А, ние си велиме изволте, по струмички – вели продавачката.

Ете, изволте било по струмички.

Loading