ЈАБОЛКОБЕР

Наскоро ќе биде Денот на јаболкото. Презентерката од една наша ТВ го најавува одбележувањето. Празникот е ЈАБОЛКОБЕР. Тоа е сето во ред. Но, зошто презентерката овој збор го изговара погрешно? И не само таа, ја слушаме грешката на сите ТВ.

Да погледнеме во Граматиката. Зборот ЈАБОЛКОБЕР е именка од машки род. Сложена именка, добиена од именката ЈАБОЛКО и глаголот БЕРЕ – ЈАБОЛКОБЕР. Од двата збора се создал еден, со сосема поинакво значење. Велиме дека е тоа еден збор, а нашиве презентери изговараат како да се два збора. Тие велат ЈАБОЛКО БЕР. Прават грешка. Постојат повеќе сложени именки кои се добиваат од два збора и стануваат сосема нов поим со поинакво значење. Во конкретниов случај рековме дека новата именка е добиена од именка и од глагол, односно, дел од глаголот. Таков е случајот и со ГРОЗДОБЕР, СЛИВОБЕР и многу такви. Имаме сложени именки добиени од две именки, на пример: -КОЊОКРАДЕЦ (човек што краде коњи). Може сложена именка да се добие и од именка и глаголска именка: – СРЦЕБИЕЊЕ, ГРОЗЈЕБРАЊЕ. Нема да набројуваме повеќе примери. Ги има многу. Сакаме уште еднаш да кажеме дека тоа се нови зборови (сложени именки) со поинакво значење и претставуваат еден збор. Така и треба да се изговараат. Не СРЦЕ БИЕЊЕ, туку СРЦЕБИЕЊЕ. Така е и со ЈАБОЛКОБЕР, а не ЈАБОЛКО БЕР. Тоа е новодобиена именка и ќе има акцент според нашиот акцентски систем, на третиот слог ако се брои одназад.

Слична грешка се прави насекаде и речиси од сите кога частичката НАЈ се употребува како префикс за суперлатив. На пример – НАЈУБАВА, НАЈИНТЕРЕСНА, НАЈСТУДЕНА и многу, многу такви. Сите, буквално сите презентери и не само тие, кога ќе треба да употребат некој ваков суперлатив го изговараат тоа како да се работи за два збора. Сите велат НАЈ ВЕСЕЛО, наместо НАЈВЕСЕЛО, НАЈ УБАВО, наместо НАЈУБАВО, НАЈ УСПЕШНО, наместо НАЈУСПЕШНО. Треба да се знае дека во ваквите случаи частичката НАЈ се спојува со придавката и станува со неа еден збор. И во ваквите случаи акцентот треба да си падне на третиот слог одназад, ако е зборот повеќесложен. Ќе ја земеме придавката УБАВА. Како што е во компаративот ПОУБАВА (не ПО УБАВА) така е и со суперлативот – НАЈУБАВА (а не НАЈ УБАВА). Акцентот си доаѓа на вокалот “У”, третиот слог одназад. Не треба посебно да се акцентира НАЈ, а посебно односната придавка.

Вниманието ни го привлече контактна емисија на ТВ. Гостува докторка. На водителката и одговара на поставените прашања, па и од  гледачите. Зборот е за разни габични заболувања на ноктите или на кожата. Докторката објаснува дека оној што има проблеми со заболувања на прстите од нозете, не треба да ОБЛЕКУВА тесни обувки. Замислете! Да не ОБЛЕКУВА ОБУВКИ. Ами, докторке! Зар не е јасно? Не можат да се облекуваат обувки. Тие затоа и се викаат ОБУВКИ, затоа што се обуваат а не се облекуваат. Се облекува облеката, затоа и се вика така. Понатаму докторката ја објаснува причината поради која не треба да се ОБЛЕКУВААТ тесни обувки. Вели дека тесната ЧЕВЛА притискала на болното место. Дека притиска, тоа е точно. Дека создава болки исто така е точно. Но точно е и тоа дека именката е од машки род. ЧЕВЕЛ, а не ЧЕВЛА.

Друга докторка, не се сеќаваме на која ТВ, објаснуваше за бројот на повредените лица од земјотресот во Скопје. Кажуваше дека повредите не се директна последица од земјотресот, туку од паниката што ги зафатила луѓето. “Воглавном” повредите биле последици од паниката и од турканиците што настанувале по скалите. Којзнае колкупати го употреби зборот – ВОГЛАВНОМ. Во српскиот јазик тоа е УГЛАВНОМ, а ете докторката го “преведува” на македонски – ВОГЛАВНОМ.

Едноставно, треба да се рече дека повредите ГЛАВНО биле настанати поради паниката. Никако не, ВОГЛАВНОМ.

Loading