ВЕЛЕЛЕПНИ ПАРКОВИ И АРХИТЕКТУРА              

Клагенфурт

Клагенфурт е град во Австрија, на границата со Словенија. Обиколен е со шумски предел каде се издигаат Караванките. Главен град е на Корушка. Основан е 1161 година. Познат е по атрактивниот дел Олд таун, со сликовити патеки, историски згради, со тренди бутици, галерии, кафулиња… Живеат околу 100.000 жители. Се препознава по каналот од 16 век, кој се поврзува со најголемото езеро во овој регион. Со прошетката низ кружната улица се разгледуваат интересни стари градби, паркови… Празник за очите.

Пожелно е првин да се види минијатурниот град Минимундус, составен од модели на некои од најпознатите градби од целиот свет. Збирката содржи 150 модели во размер 1:25. Статуата на слободата, Лондонскиот Биг Бен,  Ајфеловата кула…. се дел од светските атракции. Привлечни се не само за децата, туку и за возрасните. Во градот е и најмалиот театар. Пријатна е прошетката низ стариот дел по пешачката зона на  долгата улица Алте Плац.

Импресивни се зградите во барокна архитектура, меѓу кои и Старата градска куќа, позната со аркадиран двор. Во близина е старата црква Св. Егида со кула од 91 метар и многу надгробни споменици. На запад е Палаис Росенберг од 15 век. Доградувана и неколку пати. Впечаток остава и трибродната зграда на Новата градска куќа од 1918 година. Близу е Музејот на Корушка со експонати од историјата, уметноста и животот на регионот.

Сите сетила се активират со катедралата во Клагенфурт. Восхит предизвикуваат објектите Ландхаус и салата на амблеми од 1574 година. Крената е на местото на некогашениот дворец. Сетлото за вид не се воздржува со двете импресивни кули и со убавиот двор. Простарниот плоштад Неуер Плац  воодушевува со корпулентната фонтана.

Легендата вели дека Клагенфурт бил граден на мочуриште во кое живеел змеј. Затоа е поставена огромната скулптура од 16 век. На местото на езерото имало многу богат град. Жители биле лоши и во ништо не верувале. На Бадник приредиле голема гозба, при што на забавата дошол мал брадест човек и им рекол да престанат, оти ќе ги чека казна и пропаст. Не го послушале. И повторно дошол човекот со стара бочва од која течело вода. Цел град бил потопен и се создало езерото. Затоа има и спомен обележје на малиот човек.

Уморот може да се загасни со кафе и австриски колач, со уживање во погледот на историјата од раскошното средновековие и дарот на природа.

Текст и фото Ка.М.

Loading