СВЕТИЛИШТЕ КАЈ СЕЛОТО МАНАСТИРЕЦ

Во Порече

Двете села, Долни и Горни Манастирец кај Македонски брод имаат далечно потекло на имињата поврзани со манастирот Рождество на Пресвета Богородица, познат како Поречки манастир. Светилиштето се наоѓа на 4 км. од Горни Манастирец, на планината Караџица. Манастирот бил едно од главните христијански и просветителски жаришта уште во дамнешни времиња.

Во бурите и голготите, манастирскиот дух ги затскриле прастарите корени и културни вредности, па сега да блесне под светлината на сонцето со божја помош. Во старата црковна градба бил изработен живопис со ретки и единствени библиски претстави, во обновата во 19 век, живописот бил покриен со нов. Поречкиот манастир повеќепати бил пустошен со пожари, па обновуван. Затоа се смета за понов, со црква и фрески од 19 век. Храмот бил обновен со реконструкција на старата градба и ново живописување. Зографите биле од охридската школа или од Крушево. При обновата во 1846 година биле направени архитектонски измени. Тоа дополнително ги оштетило вредните дела од постар датум, од кога потекнува и градбата. Попот Димитрија бил пратен во Цариград за дозвола за обнова. Со новото зографисување, бил покриен живописот стар неколку века.

Во наосот има живопис со потемни бои на сводот и живопис на ѕидот со поинаква естетика. Уништен е во голема мерка. Но, предизвикува возбуда. Остатоците од христијански сцени нудат чувство на духовна ведрина, но и чудење. Необичноста доаѓа од колоритот на стариот живопис, на кои превладуваат посветли, но релативно свежи природни бои. На еден остаток од живописот е претставен Исус Христос седнат на престол како судија во Страшниот суд. Пред клечи лице во молитвена положба препознаено во монахот Милетиј, кој се смета за ктитор или старешина на манастирот. Сцената е во голема мерка уништена. На местото на старата врата има остаток од претставата на раѓањето на Св. Богородица. Богородица Царица Небесна е насликани и на сводот. Од стариот живопис со голема композиција е повторното доаѓање на Исус, Воскреснувањето на мртвите и Страшниот суд. Иако голем дел е уништен или оштетен, зачувани се најголемите фрагменти, кои вчудоневидуваат со естетиката и необичните претстави на библиските сцени. Необична е претставата на враќањето на мртвите од морските длабочини, водени од Спасителот Исус Христос, цар на водите – морињата, кој во амбиент на многу морски суштества и риби е јавнат на морско чудовиште (нешто како воден змеј), како и сцената на враќањето на мртвите од земјата водени од Спасителот Исус Христос, цар на земјата. Двата лика на Исус се претставени со царска круна на главата. Во сцената со морето е присутен и брод, како и голем број риби кои пливаат кон површината и ги носат во устите човечките тела, кои воскреснуваат. Во полоша форма  е сцената на воскреснувањето на мртвите кои излегуваат од гробовите со бели наметки. Оваа голема претстава со воскреснувањето на мртвите и Страшниот суд е единствена не само во Македонија, туку и пошироко. Поради тоа, целата градба на црквата е цел на натамошни проучувања и објект на нови откритија за христијанството на овој простор, односно ново откровение на христијанската уметност и културата.

Целиот живопис е оштетуван во 19 век. Голем дел е без живопис. Останале фрагменти од стариот живопис. Повеќето тешко можат да се идентификуваат. Погледот го привлекува фрагмент од рајска слика во чија средина е прататкото Аврам, кој во прегратка држи помал лик на дете со ореол, кој ја претставува душата на праведниот. Оваа сцена упатува на почетокот на христијанството и е необично ретка на живописите во христијанските храмови. Освен Аврам, има сцени со флора и фауна, повеќето птици, мотиви, кои потсетуваат на ликовните содржини од ранохристијанските храмови. Тоа упатува на времето на почетокот на светоста и градбата на храмот. Според експертите, старата градба потекнува меѓу 11 и 13 век. Но, некоис метаат дека има уште постаро потекло. Од стариот живопис се препознава ликот на Св. Архангел Михаил  како во храмот Св. Никола во селото Манастир, Мариово. Уште една претстава буди особено внимание. Тоа е дел од зачуваниот живопис со ликот на Св. Роман, покрај кој има и натпис на кој е претставен како заштитник од крадците. Во олтарот има остатоци од претставите на Пресвета Богородица – Ширшаја (небесна). И тоа е ретко, бидејќи Св. Богородица е претставена во стоечка положба, а од двете се свртени ангели со став сличен на Архангел Гаврил од црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново, која потекнува од 12 век. Претставени се и Св. Јован Златоуст, Св. Атанасиј и Св. Василиј Велики, Исус Христос агнец (принесен како жртва) и други ликови. Овој дел датира од 19 век. Со помали или поголеми оштетување се среќаваат и ликовите на Господ Исус Христос седнат на престол, а десно Св. Богородица со молитвено подадени раце. Тука се и Св. Јован Крстител и Св. Никола. Композицијата е позната како Деисис, која ја има и во други христијански цркви.

Loading