ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 24

Верувам

– Веувам дека после смртта има враќање – рече Антим.

– Твоево верување не се базира на ништо опипливо, материјално, конкретно – се спротиви Климент.

– Прифаќам дека тоа се базира на слаби, па дури и субјективни индиции, сепак, и ти призна дека ти се случува да установиш некои чудни факти…-  реплицира Антим.

– Да, ама реков и дека тие би можело да имаат друго објаснување од претпоставката за враќање во животот во облик на ново тело, полно со живот и со сила.

– Кое друго објаснение?

– Не знам точно. Може да се претпостави некоја особена ментална состојба поврзана со мистериите на психата. Какви индиции изнесуваш, Антиме? На пример зборуваш за впечатокот дека некое место што прв пат го посетуваме веќе некогаш сме го имале посетено. Или, пак, чувството дека веќе сме имале доживеано во некое непознато минато, ситуација што се претставува пред нас првпат. Тврдиш и дека ако го набљудуваме некого, молчејќи, подолго време, полека ќе почнеме да го гледаме облечен, инаку, со друго лице, војник или нешто друго, како врз посматраниот да излегуваат надвор од него карактеристиките на она што бил или што била во некоја друга, мината егзистенција. Дали сето тоа е доволно да се извлечат толку категорични заклучоци за евентуалното и многу хипотетично враќање во живот после смртта?

Оли се смеша во разговорот:

– Кога се зборува за смртта, дали ние знаеме што точно е таа? Што ни е познато со сигурност? Знаеме дека времето минува, старееме.  Слабеат нашите тела, интелектуалните способности. Исчезнува некој или некоја од нас. Повеќе никој не го гледа пак оној кој си отишол.

– Имаш право – одговори Климент – речиси ништо не знаеме за раѓањето и за умирањето.

Антим забележа со својата вообичаена упорност и тврдоглавост,

– Да, да, сето тоа ми е познато, но мислам дека имам право. По смртта се враќаме пак во овој живот, ама не сме ја задржале свеста, ништо од нашата поранешна личност, од претходниот живот.

Погледна на часовникот.

– Извинете, морам да си одам дома.

Тројцата пријатели ја стегнаа раката, и секој се упати кон своите работи.

Кога Антим се врати дома, брутално изгуби сила, падна, во голема мерка ја изгуби свеста.

о   о   о

Следниот пат кога Оли допатува од Монтреал во Торонто, Климент натажено и соопшти:

– Антим умре.

– Сигурен ли си, Климе?

– Сосема. Исчезна, точно како и сите кои умираат.

– Кога ќе ни дојде нам редот? – забележа невесело Оли.

– Подобро е да не знаеме, ама колку подоцна тоа ќе се случи, толку ќе биде подобро, зар не, Оли?

о   о   о

Антим лежеше одвај свестен. Забележуваше дека местото каде се најде беше чудно, ама што ли беше тоа бизарно место? Некои суштества се приближија до него и почнаа да одвртуваат, да одмонтираат делови од неговото тело, органи од метал, од пластика или од друг материјал. Одеднаш Антим разбра. Еве, смртта е ова! Суштествата ќе ги земат од неговото тело деловите што можат пак да се употребат, а оние што се многу изарчени ќе ги уништат. Ќе му го извадат органот на меморијата, на свеста, ќе ги изманипулираат, ќе ги преправат и, заедно со други делови, нови, ќе ги монтираат во некој друг организам. Кој би можел да знае каква корист, каков профит од таа работа ќе извлечат креатурите што се насобрале околу него!

Антим посака да се бори, да моли да му ги поштедат животот и личноста, меморијата…. Но, беше неспособен да стори било што. Наеднаш сé стана потполно мрачно. Му беше исклучена меморијата, индивидуалноста, свеста. Така умре Антим убиен од непознатите ентитети, кои можеби беа неговите креатори и творци на сите оние што му беа слични во неговиот свет.

о   о   о

– Овој е новодојден, ти го претставувам, се вика Силјан, и рече Климент на Оли еден ден кога се сретнаа на улица во Отава.      

Оли го погледна непознатиот. Тој беше млад, полн со интелигенција и со сила.

– Мило ми е, – рече Оли продолжувајќи внимателно да го гледа Силјана, и додаде: – Ме потсетувате на некого, на еден пријател… Зар не, Климе, Силјан личи на Антим?

Малку зачуден, Силјан го дигна својот пријатен глас:

– Антим, кој е тој?

Климент му одговори неопределено:

– Тој ни беше заеднички пријател на Оли и мене.

– Беше? Не ви ли е повеќе пријател?

– Антим исчезна, како и толку други. Се разбира дека умре. Таков е животот, одговори Климент. Тројцата роботи побрзаа да преминат на друга тема на разговор.

Loading