Македонска рапсодија  Даниел Мелвил 37

Посетителката се загледа во Изабела, па рече:

– Се чудам како спокојно гледате на мојава посета и на тоа што ви кажав дека идам од иднината, патувам низ времето. Очекувано е изненадување и неверување во вистинитоста дека може да се патува низ времето.

– Мојата природа не ми дава многу да се чудам. Спремна сум да верувам и во најфантастични нешта, додека не се покаже дека тие не постојат на друго место освен во нашата фантазија – одговори Изабела.

– Ова е дополнителен доказ дека нашиот избор паднал токму на лицето кое ни е потребно. Сега ќе си одам, ќе се вратам по четири дена да ви дадам одговор за противуслугата што ја барате. Кога ќе ја видите црвената сфера, не се вознемирувајте. Таа е едно средство за извидување пред да отидеме некаде во иднината или во минатото, за точно да знаеме во какви околности ќе се најдеме. И да не се појавиме во некоја опасна ситуација. Нашето појавување да не биде забележано од никого. Тоа да се изврши на добро место, а не под некои води, во ѕидови, или слично, туку на слободен простор со услови за живот што се потребни, да “изнурнеме” во услови каде има воздух и се друго што е потребно за организмите од нашиов тип да можат да живеат.

– Договорено, Инес?

– Договорено.

Топката што зрачеше црвена светлина се материјализира, Инес ја поздрави домаќинката со едно “догледање”, а “вретеното” ја обвитка од петиците до темето, па исчезна.

Изабела се замисли, анализирајќи.

о   о   о

Минаа повеќе месеци после првата средба меѓу Изабела и Инес. Месеци на макотрпна работа, дотолку потешка што требаше да внимаваат во Чичен Ица да не бидат забележани од никого. Но плодот на нивните напори не изостана. Сега стојат во подземјето каде се најдува пред нив бараниот од Инес “предмет”. Пиејќи со куси голтки од капакот – чаша од термосот студено млеко со какао и шеќер, Изабела ги вртеше и превртуваше низ главата познатите и понепознатите елементи и интерпретации, некои од нив “маргинални”, “фантастични”, од историјата на блескавата предколумбиска цивилизација на Маите од кои денеска постојат уште околу два милиони: народ од Централна Америка, Маите опфаќале во минатото делови од денешните држави Гватемала, Хондурас и Мексико. Се мисли дека нивното потекло, кое не е познато, започнува во 4 век, а тоа е нивната “стара империја”. Ги познавале математиката, космографијата – описот на вселената. Постоела опсесија од времето (оваа последна мисла ја натера Изабела да погледне кон Инес која, ете, патува низ времето, па дојде и овде да истражува некаков мистериозен “предмет”). Уметност и наука на високо ниво, за условите на нивното време, но некои се изненадувачки и за овој 21 век. После декаденцијата на Првата империја, се појавила во 10 век нова култура, толтечко-мајска и напуштениот град Чичен Ица, првобитно изграден се мисли дека бил населен во минатото, во 5 век. Со т.н. “Нова империја” на Маите почнал да владее Кукулкан (987 г.), име преведено од Квецалкоатл (змија – птица или змија со пердуви). Ова предколумбиско божество било почитувано од Индијанците како просветител но, еднаш, по нивната митологија, Квецалкоатл си отишол па, оттогаш, очекуваат некогаш да се врати. Спрема некои “маргиналски истражувачи”, ова божество од бела раса, – а не жолта, како Индијанците, – бил космонаут дојден од некаде од вселената, па им станал учител, просветител на автохтоните, но, после извесно време, си отишол од каде што дошол. Затоа Индијанците, кога ги виделе првите шпански конквистадори, бидејќи биле од белата раса, мислеле дека се божества, па тоа и делумно објаснува зошто не давале отпор против тие завојувачи, иако имале сили сосема да ги уништат до последниот.

Една еретичка мисла, во однос на нејзиното школско образование, помина низ главата од Изабела. Можеби и нашите македонски просветители, учители како Свети Кирил и Методија, Светите Климент и Наум, а и други по целава планета, биле космонаути дојдени од вселената или, пак, ни допатувале низ времето од иднината! На некои од главите на нашите светци по иконите зар не се забележуваат извесни антрополошки специфичности: триаголни лица, врвлести на брадата, а со голем волумен на горниот дел од черепот, онаму каде се најдува мозокот, што би требало да значи не само високи знаења, интелигенција, туку и вонземско потекло?! Сум читала некои кои тврдат дека по светов виделе суштества излезени од надемјето, НЛО (неидентификуван летачки објект, или “летачка чинија”), дел од тие креатури ги опишуваат токмо така, со триаголни лица, врвлести на брадата, широки на челото.

 (продолжува)

Loading