ЖЕНА ДЕЛИ ПРАВДА НА МАЖИ

Силвана Карбеска, умешна во џудо, ракометна репрезентативка, кариерата ја продолжила како интернационален ракометен судија

Во спортот сегогаш главен и последен збор има судијата. И секогаш има победени и поразени. Поразените екипи ретко ги признаваат грешките, па вината за неуспехот ја бараат кај судијата. Затоа делителот на правдата треба да има нерви од ортоми, емоционална апстракција и максимална концентрација. Овие особини ја ставаат младата прилепчанка Силвана Карбеска во елитата на ракометно судство, овде и во светот.   

Зад Карбеска стојат спортски успеси за завидување, оти е интернационален ветеран, иако не е ни до половина од кариерата.

Родум е Германка со прилепско потекло. До седум годишна возраст престојувала таму. Доволно да ги стекне типично германските морални вредности: упорност и точност. За себе вели дека цел живот се чувствува како Македонка од глава до петици.

Од џудист до ракометар

– Интересот за спорт изгледа ми е вроден. Се истакнував уште во основно училиште. Активен член бев на Џудо клубот Пролетер две години. Со кимоното, за кусо време, добив бројни награди на меѓународно ниво во тогашна Југославија. Најдрага ми е вицешампионската на СФРЈ – категорија надежи – кажува сега 37 годишната Силвана.

Случајно се зачленила во ракометната школа на Тутунскиот комбинат, зашто повеќе í лежела играта со топка. Уште, со почит се сеќава на првиот ракометен тренер, Трајче Зуљамоски. Ја научил на основните правила и придонел да ја засака играта. Паралелно вежбала џудо и ракомет, па Зуљамоски ја “бркал” од тренинзите, велејќи í дека си има свој спорт. Тоа не успеало кај упорната Силвана, туку ја цементирала љубовта за ракометот и í станал примарен и единствен спорт. Минала низ екипите на РК Тут – Ком, РК Вардар, РК Гевгелија, РК Богданци, РК Олимпик, РК Скопје и РК Кале од Кичево, оставајќи одличен впечаток кај соиграчите и тренерите. Ги бранела репрезентативните бои во 1991 г. во кадети на СФРЈ. Продолжила со македонскиот репрезентативен дрес до 2002 г.

Од ракометарка – судија

Силвана вели дека за ракометен судија воопшто немала интерес. Но, по долгото убедување на колешката, се пријавила на тестирање, колку другарка í да има тандем. Полагањето било “прошетка низ парк”, зашто ги знаела сите правила како активен ракометар. Сепак, судењето í било секундарно, зашто уште тлеел огнот за играње.

– Година по година, минуваше времето, и, како од шега, добивав судиски лиценци. Почнав да судам натпревари од првата машка и женска лига, далеку посериозни од судените во младинските, пионерските и школските првенства. Сериозно “зацапав”, бидејќи за дерби мечевите е потребна поголема подготовка и одделување повеќе време. Тоа ми даваше кураж да се носам со идејата да бидам делител на правдата и  првата женска меѓународна судијка во Македонија – кажува искусната Карбеска, која толку била влезена во колосек, што не се сеќава добро на првиот суден меч.

Интересно е тоа што има лиценца за судија за одбојка на песок.     

Судењето не дозволува грешки

За неа судија е да се биде алфа и омега на паркетот. На свој грб се носат последиците од пресудите. Во тимот како играч, зад него стои цела екипа, која може да ги поправи грешките, но судиските грешки се ненадоместливи. Дел од секундата, и останува паднатата судиска одлука. Делегатите и судиите се со различни одговорности. Затоа, полека, чекор по чекор, Силвана ги совладувала дилемите, го печела “занаетот”и стекнувала искуство.

– Ракометот постои за публиката. Таа го прави мечот интересен. Убаво е да се игра и да се суди пред публика. Колку се побројни гледачите, толку е подобро. Сфатив дека во публиката има страсни навивачи кои не штедеа погрдни зборови. Потребна е само концентрација на теренот од 40 на 20 метри и со тек на време се станува имун на непријатностите и понекогаш смешните извици од трибините. Навивачите се дојдени за забава, а “човекот во црно” за друга работа. На натпреварите на мажи, повеќе сме респектирани од играчите. Веројатно затоа што сме женска судиска двојка. Женските натпревари се друга приказна. Го нема “џентлменскиот” однос кај ракометарките – објаснува Карбеска за релациите со публиката, додавајќи дека за мажите е нужна поголема концентрација, заради побрзата игра, каде и провокациите и приговорите се почести, но со авторитет се стигнува до почит.

Со партнерот или партнерката од арбитрарното дуо судат на сите машки и женски натпревари од Супер лигата. Има петгодишен стаж на меѓународната сцена, како судијка на европски, светски и балкански првенства и турнири. Најдобро се сеќава на дуелите во Италија, на денот на полагање за меѓународни судии. Судела со голема доза на претпазливост што предизвикувало страв, грч и трема, оти не смеела да погреши. Но успеала на градите да го залепи знакот за меѓународен судија. Веднаш знаењето го тестирала на меѓународниот натпревар, Македонија – Бугарија за мажи.

Претензии за светски судија

– За судење на светски и европски првенства потребен е ИХФ беџ или значка. Моментно сум ЕХФ судија. Ќе ја прескокнам Олимпијадата во Бразил, но апетитите ми се насочени кон Европското во Данска – 2014. Зависи најмногу од личните амбиции. Се надевам дека до 2014 – та, ќе го носам ИХФ беџот – ја објаснува сегашната позиција Карбеска.

Судија со авторитет и кај играчите, и кај публиката, мора да се одрече од многу задоволства. Постојана физичка подготвеност, психичка издржливост, железен карактер, знаење англиски, одлично познавање на правилата на ракометната игра и учење во тек со промените, осет за играта на терен и, најважното, искуство, стекнато низ натпревари. Овие особини и вредности ја красат судијката, постојано присутна на евро сцената и домашното првенство.

Loading