Топла зима со УСАИД клима

Во ОУ “Блаже Конески”

На празникот 3 Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп во ОУ “Блаже Конески” свечено беше пуштена во употреба новата котларница за централно греење. Новите инсталации се со светлосни години понови од старите, кои веќе ги прегази времето и беа речиси руинирани. Котларницата е автоматизирана и користи течно, наместо цврсто гориво како претходната. Изградбата финансиски ја следеа локалната самоуправа и USAID, a раководството на училиштето менаџираше. Котларницата е последен дел од мозаикот на соработката помеѓу ОУ и USAID, бидејќи во изминативе три години USAID помогнал комплетно да се смени подот во училиштето, го поддржал поврзување на техничката вода со санитариите, го унапредил техничкото образование, инвестирал во информатичко компјутерска технологија и го унапредил оценувањето на наставниците. Зафатот е плод на апликацијата на Советот на училиштето во проектот зајакнување на капацитетите на училишните одбори од USAID. Во конкуренција на 180 апликанти од 73 општини, ОУ “Блаже Конески” е едно од осумте училишта во државава кое доби финансиска помош од USAID. Лавовскиот дел од товарот го понесоа директорот Марија Дулеска и училишниот одбор. USAID го распишал тендерот за најдобра апликација и Дулеска го бранела, оти вредел 30 илјади долари со 10 отсто учество на локалните власти. Реализацијата траела една година. Посветеноста била пресудна да се убедат странците за нужноста од финансиска поддршка. И макотрпниот труд на сите релевантни страни во подготовката влијаел да се добие преодна оценка и да се прогласи проектот за позитивен, што значеше и финансиска поткрепа. Дури и училишниот одбор посетувал четири обуки за усовршување на знаењето. На свеченото ставање во употреба на инсталациите на новата котларница почит за напорите со своето присуство дадоа и претставници на локалната самоуправа на чело со градоначалникот Марјан Ристески, директорите на основните и средните училишта и претставници на USAID. И децата го одбележаа новото греење и подобрените услови за следење на наставата со изведување на химната од страна на училишниот хор. Дулеска во обраќањето изрази благодарност и нагласи дека е природно, кога се работи, да се жнеат резултати, заедно со посветеноста на одборот. Според неа, не е битно колку енергија е вложена во создавањето на проектот, туку важен е поквалитетниот амбиент за децата во трката по знаења. Таа укажа дека нема да застанат туку. Последната реализација на еден крупен зафат ќе биде инспирација за нови напори во потрагата по извори за финансирање на други значајани проекти. Досегашните три се гаранција дека менаџментот и училишниот одбор располагаат со капацитети за   нови потфати. Градоначалникот Ристески ја акцентира одличната соработка на Општината со образовните институции, а претставникот на USAID, Небојша Мојсоски рече дека му било чест да соработува со училиштето и најави нови проекти. ОУ “Блаже Конески” ги следи принципите кои се основа за било кој проект на USAID, а тоа се отчетност, транспарентност и демократичност. Тоа гарантира понатамошна меѓусебна соработка.

Loading