СПОМЕНИК И ПЛОШТАД ЗА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

Монументален споменик за Ѓорче Петров во центарот и мал плоштад во Варош ќе гради општината за големиот револуционер. Ова се обелодени на одбележувањето на 90 годишнината од убиството на Ѓорче Петров, кога претставници од општината предводени од градоначалникот Марјан Ристески и од ОК на ВМРО ДПМНЕ положија свежо цвеќе на спомен плочата, а се одржа и панихида во црквата Свети Никола.     Локалната самоуправа го објави тендерот за градба на споменикот. Надлежните не се откажуваат од идејата за реставрација на урнатата родна куќа на Петров во Варош, која би ја претвориле во музеј. Обновата на куќата е обемен проект, оти објектот не постои. Проектот ќе се реализира со Завод и музеј и Министерството за култура, откако ќе се регулираат имотно правните односи – вели градоначалникот Марјан Ристески. Локалните власти најавија поставување на споменик на Кузман Јосифовски Питу за 70 годишнината од Востанието. Ќе се овековечат Пере Тошев, Пеце Атанасоски, Блаже Конески и Круме Кепески, бидејќи се личности со големи придонеси за македонската независност, револуцијата, но и за културното воздигнување на македонскиот народ.

Loading