ДЕПРЕМИРАНОСТА КАЈ ДЕЦАТА И ТИНЕЈЏЕРИТЕ

ДЕПРЕМИРАНОСТА КАЈ ДЕЦАТА И ТИНЕЈЏЕРИТЕ

Дали децата и тинејџерите страдаат од депресија?

Депресијата е една од најчестите ментални болести во 21 век. Како возрасните и постарите лица, така и тинејџерите и децата се подложни на депресија. Кај помладите, депресијата го зголемува ризикот за добивање на други ментално здравствени проблеми како што се употребата на алкохолот и дрогите, како и зголемувањето на ризикот од самоубиство. Не е необично, децата и младите да се чувствуваат потиштено или тажно од време на време. Доколку таквите чувства траат повеќе од неколку недели, тогаш потребно е да се побара професионална помош. Депресијата е сериозна ментална болест и доколку не се лечи навреме, може да стане и опасност. Доколку расположението на младите луѓе ја нарушува нивната способност за секојдневните активности, тогаш може да се заклучи дека постои сериозен ментално здравствен проблем. Тешко се дознава кога децата и младите луѓе се чувствуваат депремирани. Тие ретко ги искажуваат своите мисли и чувства, особено кога зборуваат со постарите лица. Поради тоа, и родителите тешко можат да ги забележат причините на необичното однесување, заради проблемите кои внатрешно ги доживуваат. Младите најчесто одбегнуваат да дадат искрен одговор или го отфрлаат прашањето како навреда, повлекувајќи се уште подлабоко во себе. Исто така, своите чувства ги изразуваат низ агресија, правејќи ризични ексцеси. Таквите однесувања водат само кон повеќе проблеми во семејството кои доведуваат до влошување на депресивноста.

Кои се знаците на депресија кај тинејџерите?

Повеќето од формите на депресија вклучуваат физички и психолошки симптоми. Знаци кои можат да укажат на депресија, особено, ако траат повеќе од неколку недели се жалост или лесна раздразливост, тешкотија при концентрацијата што води кон влошување на успехот на училиште, недостиг на енергија, ентузијазам или мотивација, немир или вознемиреност, промена во навиките за јадење и спиење, чувство на вина или безбедност, повлекување од пријателите, семејството и омилените активности, пасивност и самоубиствени мисли или постапки.

Некои млади доживуваат периоди на возбудувања и претерана активност како и чувство на депресивност – потиштеност. Тоа може да биде знак на биполарно нарушување (манична депресија) или пак може да стане збор за употреба на алкохол или дрога.

Кои се честите начини на лечење од депресија?

Постојат повеќе начини на лечење на младите од депресија. Советување, терапии (како што е когнитивна терапија за однесувањето) кое вклучува разговор за она што најповеќе го загрижува лицето и за начинот на решавање на проблемите, како и за тоа како да се совлада стресната ситуација сега и во иднина. Ова може да биде индивидуална и семејна терапија или пак учествување во групна терапија. Поретко се користат лекови за лечење на младите од депресија, во исклучок на паѓање во поголем степен на депресија кога лековите се неопходни за да се извлечат од кругот на безвредноста. Понекогаш тинејџерите и младите луѓе се чувствуваат толку депресивни, што помислуваат на самоубиство. Чувството на бес, огорченост, вина или безвредност можат да водат до избувливи самоуништувачки постапки. Во овие ситуации многу е мал бројот на младите кои ќе побараат помош. Поради тоа, потребно е постојано поттикнување и поддршка од своите најблиски и уверување дека депресијата, како и другите ментални болести, лесно се лекува.

Како да им се помогне на младите со депресија?

Кога младите луѓе се чувствуваат потиштено, постојат низа работи кои семејството може да ги направи да им помогне. Треба да им се понуди помош и доволно време да ги сослушате. Треба да се охрабрат да зборуваат околу своите чувства. Чувството дека се прифатени и разбрани, многу се важни фактори за тинејџерите и затоа поттикнете ги да разговараат со некого во кого имаат доверба: учител, роднина, пријател. Да побараат помош кога им е потребна и да не се обвинуваат дека го прават тоа; да поминуваат време со пријатели или роднини – со оние со кои имаат нешто заедничко. Да земат учество во спорт и училишни активности и хоби; да се вклучат во организации или групи кои им даваат поддршка на младите и им помогнуваат во развивање на дополнителни интереси.

Каде може да се обратат за помош?

Помош може да се побара во Службата за ментално здравје или кај семејниот лекар. Доколку состојбата е сериозна, потребно е да се посетат специјалисти кои работат исклучиво со деца и тинејџери, како што се педијатри, психолози и псијихатри. Со барањето на соодветна помош, иако изгледа дека се мешате во животот на младите и ја нарушувате нивната доверба, поважно е да се спаси животот на детето. Довербата со времето ќе се врати.

Душан Ристевски, психолог од Австралија

Loading