ИМПОЗАНТЕН УСПЕХ НА ВМРО – ДПМНЕ

Оценка на градоначалникот Марјан Ристески за изборните резултати

Ефектите од кризата имаа и негативни последици кај дел од граѓаните

Кандидатурата даде дополнителна позитивна клима во изборниот процес

Поголем број прилепчани го дадоа гласот за ВМРО – ДПМНЕ на последните предвремени парламентарни избори. За доверба на ВМРО – ДПМНЕ се определија 22 663 гласа, а за СДСМ 20 958 гласачи. ВМРО – ДПМНЕ изрази благодраност што голем дел од граѓаните дадоа виза за нов мандат, што е и дополнителна обврска. Но, и надежи за нова енергија, за продолжување на реализацијата на проектите на државно, а со тоа и на локално ниво. Според градоначалникот Марјан Ристески, кој беше втор на листата од кандидатите за пратеници на ВМРО – ДПМНЕ и здружената коалиција, мнозинството се определило поради тоа што единствено ВМРО – ДПМНЕ понуди пишан документ, насловен “Манифест за реформи”, во кој се утврдени рокови и извори на финансирање и извршители на проектите кои се ветуваат. Голем дел од проектите се и за Прилеп. Граѓаните направија полн погодок со гласовите за ВМРО – ДПМНЕ, бидејќи продолжува подобрувањето на квалитетот на животот не само во Прилеп, иако земјата помина низ светската економска криза последните две години. Ефектите од кризата имаа и негативни последици кај дел од граѓаните. Оваа влада е и реформска, а реформите секогаш и не се популарни. Во такви околности, реализирани се голем број од проектите и се градеше Прилеп. За восхит и почит е изборниот резултат на ВМРО – ДПМНЕ во услови на реформа и криза. Изборите потврдија дека граѓаните стојат зад Владата на сегашниот и идниот премиер Никола Груевски – вели Ристески.

Економските наоди се движат во позитивна, нагорна линија. Тоа е знак дека граѓаните постепено и сé повеќе и повеќе ја враќаат довербата.

Аналитичарите оценуваат дека кандидатурата на Ристески за пратеник има позитивно ехо.

– Потребна е пообемна анализа. Сметам дека мојата кандидатура даде дополнителна позитивна клима во изборниот процес. И негативна, оти, сметам дека, во иднина, треба да се размисли дали градоначалниците е добро да бидат кандидати за пратеници. И во другите општини, во Струмица, Битола, Карпош, Аеродром, имаше ист рефлекс од кандидатурите на градоначалниците. Треба сите политички партии да направат добра анализа за да утврдат луѓе со кредибилитет, со резултати зад себе, како што беше и идејата, оти последниве години градот доби многу, доживеа трансформација – оценува Ристески.

Според него, влијание на изборниот резултат имала и негативната кампања, заканите за бркање од работа, лажните и нереални ветувања по куќи и ветувања за вработувања и агресивната кампања со навреди од страна на СДСМ.

– Нашиот стил беше сосема друг – позитивен и реален пристап, презентација на проектите. Тоа можеби имаше негативен ефект кај гласачкото тело. Граѓаните пресудија со респект кон работата и резултатите, а не застанаа на страната на заканите и лажните ветувања. Ако се проверат проектите во Прилеп од СДСМ и колку се реализирани во времето на ВМРО – ДПМНЕ, споредбата е неможна, оти нема проекти додека владееше СДСМ, а сепак поголем број граѓани дадоа доверба. Тогаш нужно е студиозно анализирање. Победата не е мала, голема е, оти околностите не беа на страната на ВМРО – ДПМНЕ. Извојувавме шести по ред избори, ако не го сметаме и референдумот. Тоа е импозантен скор, незапаметен на балканските простори – објаснува Ристески.

Традиционални гласачи на ВМРО – ДПМНЕ во поголем обем заминаа кај помалите партии на Георгиевски и Бошковски, иако тие не успеаја да влезат во парламентот.

– Луѓето добија поука дека не е иднината во малите фантомски партии, скроени за одредени цели и интереси на поединци. Затоа треба да размислуваат меѓу двете поголеми опции. Овојпат беа изманипулирани, работејќи за опозицијата. На нивното конто завршија околу 3500 гласови, што значи дека доколку би се завршиле на сметката на ВМРО – ДПМНЕ, би имале над 5000 илјади гласови повеќе. Сега, е време да ги консолидираме редовите. Партијата ќе излезе уште посилна и поцврста и на наредните локални избори очекуваме максимална победа – вели Ристески.

Прилеп пред пратеник

Со откажувањето од пратеничкиот мандат на Ристески, пратеник стана Ане Лашкоска, заедно со Димитар Стевананџија. Лашкоска е упатена во повеќето проекти, а Стевананџија беше актуелен претседател на Советот. И тој комплетно ги познава градските приоритети. Тие се добар избор да се борат за реализација на програмата на ВМРО – ДПМНЕ, особено за Прилеп.

– Меѓу пратеничката и градоначалничката функција, пресуди мотивот – Прилеп. Неколку дена длабоко размислував и од разговорите со граѓаните, а не само со партиското членство, решив да продолжам со градоначалничката работа, оти важиме за успешна општина. Останувањето за градоначалник претставува континуитет на локалната самоуправа. Покоректно е да го доработам мандатот и да се дореализаат ветените и други проекти – вели Ристески.

Таткото на градот не сака да шпекулира кој ќе го наследи Димитар Стевананџија на позицијата претседавач на Советот, откако тој замина во пратеничките клупи.

– Советот располага со квалитетни луѓе. Со сите советници имам одлична соработка. Кој и да биде, квалитетно ќе ја извршува работата. Стевананџија беше пример за одлична и ефикасна работа на советот. Можеби на наредната седница на 4 јули ќе се знае новиот претседавач. Изборот нема да биде тежок околу идниот претседател. Новиот треба да оди по стапките и стандардите, поставени од претходниот. ОК на ВМРО – ДПМНЕ треба да донесе одлука – вели Ристески.

Дознаваме дека на следната седница, на 4 јули ќе биде верификуван мандатот на Јосе Богданоски од ВМРО – ДПМНЕ, кој ќе биде на советничкото место на Стевананџија. Дилемата кој ќе седне на претседавачкото место во советот, не се открива, макар што се вртат имињата на Анастасија Илиеска и Златко Димоски.

Loading