ПОВЕЌЕ ПАРИ СО ПОМАЛКУ ТРОШОЦИ

ХРВАТСКИ ЕКСПЕРТ СО МАКЕДОНСКИ КОРЕН ГИ НАДГРАДУВА СО ЗНАЕЊЕ ПРВИТЕ ЛУЃЕ НА МЕРМЕРСКИОТ КОМБИНАТ

Водењето проект има пет процеси односно иницијација, планирање, работа или егзекуција, мониторинг односно пратење и затворање

Хрватот Ненад Трајкоски, кој има прилепски корен, како проект менаџер кој се занимава со управување проекти, им одржа петдневен тренинг на менаџерскиот тим од Мермерскиот комбинат. Тој во просториите на Регионалната стопанска комора ги едуцираше генералниот директор на Мермерскиот комбинат, директорите на производство, набавка, продажба, комерција итн. односно првите луѓе на компанијата. Тоа беше тренинг за топ менаџментот, составен од десетмина. Позитивно ме изненади тоа, бидејќи обично топ менаџментот не покажува интерес. Пријатно сум изненаден што токму менаџментот сакаше тоа да го слуша. Беа многу заинтересирани. Вежбаа со полна пареа и сакаа да научат уште повеќе – вели Ненад Трајкоски, проект менаџер.

Како да се селектира и избира

Тој работи во компанијата “СК”, која се занимава со имплементација на софтвер. Тој е во одделот за водење проекти, а како надворешен соработник, доколку некоја фирма не знае што да прави со проектот, тогаш него го ангажираат да им помогне. Информатичката компанија “Сивус” од Скопје, која има и едукативен центар и дава тренинг од разни области, е фирмата која дошла до Мермерскиот комбинат. Менаџерскиот тим уште лани планирал обука, но 10-мината не можеле истовремено да бидат слободни 5 дена. Ненад Трајкоски им го покажал комплетното водење на проектот и тоа од почеток до крај. Од моментот кога ќе им се покаже можност за проект, треба да умеат како да го селектираат, одберат и како да го водат до крај. Им покажувам низ пет процеси односно иницијација, планирање, работа или егзекуција, мониторинг, односно следење и затворање. Како се работи, што треба да се направи, кој треба да направи, како се одбираат луѓето, како се комуницира, а потоа да се предвидат ризиците и да се направи набавка – вели Трајкоски. Обуката ќе им помогне на првите луѓе на Мермерскиот комбинат како да ги водат проектите на подруг и подобар начин, бидејќи се стекнале и со формални знаења. Открија каде до сега грешеле. Бидејќи не знаеле како да работат на вистинскиот начин, се снаоѓале и импровизирале. Сега нема импровизација. Има процедура, ред. Низ примери кои им ги кажував, во своето секојдневие, можеа да забележат каде грешеле – вели Трајкоски.

Растат шансите за користење на мермерските ресурси

Трајкоски ги стекнал знаењата во Хрватска и странство. Поседува светски признат сертификат ПМП (Проект Менаџер Професионал) кој е американски сертификат, кој е скап и за да се биде искусен проект менаџер треба да се има најмалку 4500 часа работа на проекти. Има и друг сертификат кој го поседуваат само 400 лица во светот за субспецијалност за управување со ризици на проектите, а завршил електротехнички факултет и е овластен книговодител. Според него, има шанси за ширење и користење на мермерските ресурси. Во соработка со Регионалната стопанска комора од Прилеп, доколку има интерес во преговори сме за тренинг и за други фирми. Ова е само еден вид тренинг. Ќе го дадам мое портфолио, што нудам, а тие ќе ме контактираат за другите фирми – вели Трајкоски. Перспективата е навистина голема и секојдневно се јавувале сé поголем број фирми за обуки, особено надвор од Скопје. Со обуките се зголемуваат шансите компаниите да бидат поефикасни односно целта е проектот да биде поуспешен. Прво треба добро да се испланира проектот, а кога добро ќе се испланираат и луѓето, и парите, и материјалот што треба да прават, потребно е да го направат проектот навреме, да не ги пречекорат трошоците. Луѓето да не работат прекувремено и тогаш проектот да донесе повеќе профит, а луѓето да се задоволни. Тоа е целта на овој тренинг – вели Трајкоски. Тој вршел обука во Хрватска, во Македонија, Босна и Херцеговина и Молдавија.

СВЕТСКА СКАРА И МНОГУ ЗЕЛЕНИЛО

Ненад е прилепчанец. Татко му е роден во Прилеп и дедо му по жена му е прилепчанец. Со сопругата се запознал во Загреб. Татко му уште кога имал 3 години, неговата фамилија се иселиле во Велес. За него Прилеп е прекрасен град. Гостољубивоста е стандардна за Македонија. Тоа ми го раскажуваа, а сега се уверив. Најдобрата скара на светот е во Прилеп. Единствена мана е што секогаш кога ќе дојдам во Македонија, се враќам со некој килограм повеќе и на ваква храна навистина е тешко да се рече не – открива Трајкоски. За Прилеп вели дека е убав град со многу паркови, зеленило и дрва. Првата асоцијација е дека е роден град на мојот татко и секогаш се сеќавам на него, второ е тутунот по кој е прочуен градот, но немав можност да ја запознаам културата. Она по што знам дека Прилеп е познат е мајтапот. И јас го имам специфичниот хумор и мајтапењето на сопствена сметка и тоа е онаа прилепска крв што ја носам – вели Трајкоски.

Loading