ВИТАМИНКА ГИ РЕДУЦИРА ТРОШОЦИТЕ ЗА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА СО ФОТОВОЛТАИЦИ

Многу државни пречки за експлоатација на сонцето за струја

Витаминка е првата компанија во Прилеп, кој пред четири години инсталира фотоволтаичен систем за производство на струја од сонцето  на еден дел од покривите на фабриката со капацитет од 200 киловат часа. Сега  располага со активни панели за производство на над 1,6 мегаватчаса струја. При првиот чекор, се очекуваше инвестицијата да се врати за 6,5 години. Со сегашните цени на струјата, вложувањето е веќе вратено, а компанијата   инвестира уште во неколку слободни покриви. Во времето кога струјата поскапува до астрономски димензии, со инсталираните панели Витаминка ги задоволува дневните потреби за струја со околу 30 отсто од сопственото производство. И со овие инвестиции не може да биде независна од електроенергетскиот систем во земјава.

Покрај тоа, проблемот е преголем со растот на цената на струјата од месец на месец.

-Проблемот практично е неподнослив. Не знаеме како некој може да се справи, иако од 2018 година инсталиравме фотоволтаични панели на покривот за субституирање на електричната енергија. Тогашните пресметки покажуваа дека можеме да ја вратиме инвестицијата за 6,5 години, додека сите светски сознанија укажуваа дека цената на струјата ќе расти со годишни предвидувања од 7-10%, но никој не можеше да предвиди ваков екстремен раст.

Втората мини сончева централа на покривите од халите на Витаминка датира од 2019 година со капацитет од 250 киловатчаса, третата е 400 киловатчаса, а четвртата е со моќ од 700 киловатчаса во Фабрика 1.

-Инсталирани се 1,6 мегавати на покривите и располагаме со дозвола за нова од 700 киловатчаса. Оваа инвестиција тешко е да ја реализираме до крајот на годинава, оти нема панели и опрема на пазарот. Изведувачите не се обврзуваат со рокови за пуштање во  работа. Доколку успееме, до крајот на годината би имале 2,3 мегаватчаса или околу 40 отсто од дневните потреби – објаснуваат од Витаминка.

Паралелно се подготвува проект за фабриката за масло во Штип за 400 киловатчаса за да достигнат до 2,7 мегаватчаса инсталирана моќност.

-Не можеме да ја замениме струјата од електропреносниот систем со фотоволтаици, оти произведуваат струја преку ден, а пикот на производство го постигнуваат еден до два саати во денот. Како сонцето заоѓа, производството паѓа, колку е денот покус, помало е производството. Зависни сме од слободниот пазар на струја. Помагаат фотоволтаиците, но сто отсто не, не можеме да бидеме независни  – велат од Витаминка.

Рек Битола е на издишување, ТЕЦ Неготино тешко се одржува и Осломеј не работи. После ветерниот парк кај Богданци нема инвестиции во електроенергетските капацитети.

– Бизнис секторот предлага максимално да се олесни вадењето на  дозволите за инсталирање на фотоволтаици и државата да вади дозвола и да инвестира во градбата на системот на приклучоци и далеководи. Сега процедурата е да се обратиш до ЕВН, тие даваат мислење и одредуваат цена колкава ќе биди инвестиција на кабел и трафостаница, и после тоа се влегува во градба на приклучок кој може да трае 2 до 3 години. Затоа е добро државата, односно МЕПСО да одреди локации каде можи најбрзо и најлесно да се направи мрежа, да инвестира и да ги понуди локациите со сите потребни дозволи на приватни инвеститори.

Многу битно е државата да го субвенционира бизнис секторот 6  месеци до една една година, додека се стабилизира пазарот. Да фиксира цена на струја, пример 200 евра по мегаватчас, и над таа цена да ги преземи разликите во цената до берзанска цена на струја. Ова е многу битно да опстаниме, да можиме да ги утврдуваме цените на нашите производи и услуги. Вака не сме конкурентни на пазарите во регионов, Европа, па и на домашниот пазар. Да не се чека европската комисија да ја замрзне цената на струјата на 180 евра, па после да купуваме од ЕУ по таа цена. Тоа е демагогија. И така да биде, тоа ќе биде за членките на ЕУ, а извозот ќе биде слободен и цените тешко дека ќе паднат. Ако треба, Владата да земе кредит за да помогне на стопанството да опстои и понатаму да егзистира, да го полни буџетот и да се плаќа јавната администрација – предлагаат од Витаминка.

Комапнијата се обидува да инсталира фотоволтаици на земја на неколку локции.

– Купивме три локации, а за една преговаравме. Едната е после таблата на Прилеп во близина на трафостаницата за Прилеп. Но, толкувачот на законот вели дека тоа е во проширениот градежен опфат и не може да се прави фотоволтаична централа. Втората е кај селото Славеј. Таму кабелот немал капацитет. Третата локација е кај селото Беровци. Првин добивме мислење дека е можно, а после дека може само за 2 мегаватчаса. Плус процедурата за пренамена од земјоделско во градежно земјиште трае  најмалку една година, а во тој период ако се јави некој пред тебе, ЕВН може да ја даде на друг. Тоа е искуството за фотоволтаичните централи. За вклучување во системот на централа од над 10 мегаватчаса дозволите и приклучокот е во МЕПСО. Влеговме во преговори со парцела за 15 мвх. Само подготовката на проект која може да покаже дека не е можно да те приклучат, чини 40 илјади евра, со други трошоци кои се потребни за аплицирање би достигнало и 200.000 евра. И доколку одлучиме да влеземе во градба, и ги дадеме овие пари, во МЕПСО веќе има повеке од 60 апликации кои чекаат на одобрување!!! Кој би влегол во неизвесност со 200 илјади евра!? – ја доловуваат сложената процедура од  Витаминка.

Додаваат дека иницијатива за ставање на фотоволтаичните централи со статуст на времени објекти, а со тоа автоматски трансфер на земјоделкото земјиште во градежно, пропаднала под притисок дека државата ќе останела без храна. Можело тоа да се чини само на неплодни површини од 4, 5, 6 и 7 категорија на земјиште каде нема електро инфраструктура и инвестицијата е неисплатлива.

Стопанството оставено на милост и немилост

Државата не размислува за решение. Македонија е единствена земја во регионов каде државата нема ништо направено за цената на електричната енергија. Во Србија беше замрзната на 75 евра за мегаватчас. Сега се покачи за 6 отсто и стана 86 евра. Бугарија има сопствено производство и цената на дневната електрична енергија е многу ниска. Во Грција до 1 август државата им враќаше 20 отсто на секој граѓанин и фирма. После 1 август им враќаат 90 отсто од покачувањето на струјата. Босна има сопствено производство и е 60-70 евра мегаватчас. Само кај нас сé е оставено на слободниот пазар. Компаниите се на ветрометини. Цената што се споменува од 200 – 250 евра за мегаватчас е демагогија. Таа е за малите компании со малку вработени. Оставени сме на милост и немилост 1500 големи компании со 80 отсто од вработените во земјава, а државата од нив црпи најмногу даноци.

Струја од сонце со “желкина” брзина

Горчлив и послан со многу административни пречки е патот за инсталација на фотоволтаици. Пионерското искуство на Витаминка во фотоволтаици на покрив е корисно, иако е одолговлекувано од институциите. Првата дозвола и барања за градба траела 4-5 месеци, потоа приклучок во системот во ЕВН за вишокот струја во сабота и недела кога не се работи. Девет месеци вадевме лиценца. После се судривме со законот за повтрат на инвестиции од 10 отсто. После се измени законот и ја повторивме постапката за една година. И за втората беше 4-5 месеци, за третата 6 месеци, за четвртата беше дваипол месеци.

Преголеми се административните бариери. Потребно е да се поминат  премногу чекори да се дојде до дозвола. Државата треба да ги укини дозволите. Секој кој сака да постави соларни панели за своите потреби на покривот, без никакви дозволи од локалната власт или министерствата, да постави. Само со електропроект, проект за статика и објектот да е легелен. Секој инвеститор да ги обезбеди трите документи и одма да постави панели. Така ќе се избегнат институции, локална администрација, управи… Само инспекторот да ги следи активностите и ќе се ослободат инвестиците за оваа намена за бизнис секторот. Ако не е запазено тоа, нека има високи казни!

Loading