ВОЛШЕБНАТА ЗАГАТКА НА ВИНАТА ПИРГАН

Во знак на одбележување на празникот Св. Трифун, заштитникот на винарите и лозарите, винаријата Пирган со повеќе од 25 годишна традиција понуди дегустација на четири нови стручно и автентично третирани вина. За празникот е презентиран и винскиот бар, салон за дегустации на вино. Винскиот бар со автентичен дизајн и архитектура наскоро ќе ги прими и првите гости кои, според сопственикот Златко Пирганоски, би требало да бидат групи на туристи кои со најава ќе ги густираат вината од палетата на винаријата и ќе уживаат во капката “сонце преточена во чаша”. Се очекува божествениот пијалак да ги привлече најпребирливите и да им предизвика восхитувачки чувства од раскошните и силни вкусови и ароми на вината од винаријата Пирган.

На презентацијата присуствуваше и градоначалникот, Борче Јовчески, и претседателот на Советот, Дејан Проданоски.

Енологот Влатко Анчев, консултант во винаријата Пирган, не ги откри тајните на рецептите на високо квалитетните бели, црвени и црни вина и на жестоките пијалоци. Кажа дека од 2015 година не се штеди, туку се вложени огромни средства во нова опрема според светските норми. Капацитетот може да обработи 1500 тони различни сорти грозје по најсовремена технологија во земјава кои по стручната постапка се складираа во мали дрвени бочви. Со почитување на прецизните научни услови се креирани нови сорти на вина. Во асортиманот се Шардоне, Вранец со грозје од тиквешкото виногорје со 16 проценти алкохол. Моќни се вината Мерлот и Каберне, одлежани во дабови буриња.

За винологот Јован Велески, прилепскиот регион кон Каракамен и Златоврв е еден од најстарите вински региони на Балканот. Потврда се  околу 40 камени кади за гмечење на грозјето од антиката, средновековието, па и од поновото време. Првото огранизирано плантажно обработување на лозје и производство на вино од автохтони сорти се јавува во 1928 година кога Петар Попантоски, кој дипломирал лозарство во Прага, засадил  три – четири хектари плантажно лозје за преработка на квалитетно вино. Поставувањето на Прилеп на винската карта ја продолжила старата визба Црвени стени со 80 хектари лозја, а денес традицијата ја обвновува со врвни вина винаријата Пирган.

Винаријата Пирган е на пат да ги освои топ технологиите во светот и да прерасне во визба со најквалитетни вина во земјава кои веќе се густираат и надвор од границите на земјава. Претензиите за успех во еснафот ги продолжуваат семејните наследници, кои веќе се влезени во бизнисот со квалитетна стручна образовна заднина.

Како и да е, виното не е само пијалак на боговите, туку и мистика која се открива со секоја нова капка низ непцата на устата повторно, и повторно.

Loading