ДВЕ НЕОБИЧНИ ПРИКАЗНИ

Неколкумина пријатели требаше да се собереме по одреден повод. Не дојде главниот организатор. Се правдаше дека имал дефект на колата:

-Имав дефект, мораше да одам кај мајсторот. Имаше повеќе луѓе. Чекав. Не сакам да одам кај други мајстори. Станува збор за пужо.

-Кој е тој Пужо – го прашуваме.

-Не, бе, Пужо. Дефектот бил нешто околу пужо.

-Не те разбирам – му велиме.

-Абе, кај воланот нешто почна да чкрта. Се скрши нешто и почнаа да паѓа. Има тука еден дел што се вика пуж, што личи на пуж.

-На што личи?

-На пуж, пуж. Како полжав е, така личи, како полжав.

-Зошто велиш “пуж”? Зошто не велиш полжав?

-Не знам, сите го викаат така.

Така вели пријателот. Имало некој дел што личел на “пуж”. Бидејќи тоа е именка од машки род, пријателот мисли дека е наша, ја членува – “пужо”. Ја членува по прилепски. Кога веќе ја зел таа именка и кога сака да ја членува, тоа треба да биде “пужот”, а не “пужо”. Тоа е голем деформитет во прилепскиот говор, па и во битолскиот говор. Се употребува (погрешно) на многу места. Голема грешка. Го читаме и слушаме на многу места – прсто (прстот), ќошо (ќошот), грбо (грбот), буреко (бурекот), булеваро (булеварот), мосто (мостот) и многу, многу такви. Безброј. Тоа се прави со именките од машки род. Ете и угледната печатница во Битола носи име “Киро Дандаро”. ДАНДАРО, наместо ДАНДАРОТ. Димитар Илиевски – Мурато, нашиот покоен алпинист. Неговиот прекар е Мурат. Ако се членува ќе биде МУРАТОТ, а не МУРАТО. Во последно време воопшто не се обраќа внимание на овие недоследности. Во уличниот говор е така, но не смее на официјални места. Објаснето е тоа во Граматиката на Блаже Конески, но неа никој не ја отвора.

ВТОРА ПРИКАЗНА

Кај некогашната Стоковна куќа, сегашен “Тинеџ” се сретнавме со пријател, со кого не сме се виделе подолго време. Разговор за ова, муабет за тоа, се задржавме на фирмите и на натписите по продавниците. Се виде дека сме едномисленици за овој проблем. Гледаме дека сé е напишано со латинска азбука. И не само тоа, туку среќаваме и странски зборови кои не можеме, не знаеме да ги прочитаме. Тргнавме нагоре, по булеварот. Се движиме бавно, гледаме и десно и лево, речиси насекаде натписи со латинско писмо. А, едно време нели се велеше дека во Македонија службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо! Одиме, гледаме, читаме, се нервираме. Одвреме- навреме, да не речеме многу често, паѓа и по некоја пцовка. Како сите натписи на фирми да се латиница. Стигнавме до аптеката Зегин близу до Здружението на пензионерите. Гледаме отспротива. Обземени од тоа непријатено чувство, по малку изнервирани од латиницата, пријателот застанува. Гледа и вели: “Добро, што значи она ХОТАП”? Се збунивме малку, но се сетивме. Некој “згрешил” и напишал натпис на македонски и со кирилица – НОТАР. Занесени од впечатокот дека сé е на латиница, пријателот, зборот НОТАР го прочитал како ХОТАП. Нели нашата буква “Н” во латинската азбука е “Х”, а нашето “Р” таму гласи “П”. Ете НОТАР стана ХОТАП. Се поднасмеавме малку на сета мака. Навистина, во сите латинични фирми и натписи и некој си НОТАР, срамежливо стои како натрапник. Како да залутал тука, кутриот.

Ќе се сетиме ли некогаш? Ќе сфатиме ли каде заскитавме? Тешко! Таа работа се движи со брзина на – ПУЖОТ.                                               

Loading