ЛОКАЛНОТО ДЕРБИ Е НА ГРАДСКИ

Фудбал: В сабота Братство против Победа

Наместо на игралиштето кај Могилата, екипата на Братство одлучи да биде домаќин на екипата на Победа на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,,. Убав потег за поубав терен и услови за седење на љубителите на фудбалот. Од домашниот клуб најавија дека за мечот в сабота (14 ч.) влезниците ќе чинат 50 денари.

Интересен почеток на пролетниот дел од првенството во Втората лига – Исток. Домаќинот, Братство, иако претпоследен на табелата нема намера да се предаде во борбата за опстанок. Затоа тренерот Ромер Муриќ во тимот има дури 12 нови играчи: Метин Ќерими (Воска), Беким Алими и Онур Имероски (Победа), Ирфан Максуди и Мухамед Исмаили (Шкупи), Дрилон Зендели (Велазрими), Урим Бајрами (Гостивар), Зоран Котески (Питу Гули), Антонио Димоски (Обршани), Амет Реџепи (Беса), Ментор Реџепи и Мемет Идризи (Тетекс). Во паузата одиграни се пет пријателски натпревари.

Тимот на Победа, есенски лидер, доведе 10 играчи, од кои повеќето се познати, повратници: Дарко Тофилоски и Јорданчо Наумоски (Тиквеш), Марио Наумоски (Брегалница Ш.), Филип Димоски (Саса), Борче Сркески (Големо Коњари), Христијан Поп-Антоски и Давид Дебрешлиоски (Братство). Сосема нови се: Оливер Христов (Кит-Го), Благој Истатов (Воска) и Атхе Мазари (Охрид), стрелецот на двата гола на последната контрола со Воска (2:3). И тимот на тренерот Димитар Капинковски одигра пет пријателски мечеви.

Табела: Победа и Слога 32, Саса 31, Беласица 28, Кожуф 20, Кит-Го и Осогово 19, Детонит 16, Братство 7, Локомотива 6.

Loading