Никола Димески, уметник
По 53 години творештво нашиот сограѓанин Никола Димески собра храброст, а и поттикнат од роднините, и се претстави со самостојна изложба на графики и скулптури во дрво.
Тлеела љубов за творење од основното образование.
– Во основното училиште ги наредија сите ходници со мои творби. Цртав во гимназијата. Таму цел ѕид беше со мои дела. Бидејќи имав афинитети за уметност, а семејството ми е со музички корени, студирав архитектура. Заради недостиг на финансии, се вратив во Прилеп. Завршив Економски, ама не згасна љубовта кон цртањето. Се вработив во Металец, па во Современ дом, па стечајни постапки… Работев сезонски, ама цело време посветен на творењето. Постојано цртав – раскажува Никола.
Шетајќи низ планина видел ќутук, го зел и почнал да го обработува.
– Дрвото почнав да го делкам и се заразив. Создавав скулптури. За време на ковидот ги изработив најголем дел од делата. Не го сетив, а и не ми беше здодевно додека седев дома. Толку се зафатив шт не јадев. Така ги создадов сите скулптури за изложбата – објаснува Димески.
Лани бил во Австралија. Му било здодевно и изработил графика.
– Цртав и создадов графика со моето видување од престојот – потенцира Никола.
Мерак му се апстракциите и реалистичните дела.
– Прецизен сум, ама мана ми е што не ме бидува за портрети. Немам “мака” за друго. “Краста” ми е и карикатурата. Идол ми беше Живко Козар. Сум објавувал карикатури во Остен. Пембе и Здравески ме поттикнаа на творештво. Како пензионер секојдневно сзодавам. Тоа ме исполнува и ми претставува уживање. Посветен сум, “наоружан” со трпение и нерви од “ортоми” – вели Никола, кој 20 години бил и анкетар преку Државниот завод за статистика и располагал со обемни податоци кои сака да ги објави.