ДЕСЕТ КОМПАНИИ ГИ МЕРКААТ ЧЕБРЕН И ГАЛИШТЕ

На јавниот оглас за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште се пријавиле 16 компании, од кои 10 влегле во потесниот круг за изградба на хидроцентралите. Компаниите до 29 јули треба да ги достават понудите за изградба и Македонија да го добие најголемиот енергетски проект досега. Најповолниот концесионер, заедно со ЕЛЕМ, во наредните седум години прво ќе пристапи кон изградбата на ХЕЦ Чебрен, а потоа и на Галиште и со тоа ќе го заокружи целиот процес на производство на електрична енергија од Црна Река врз основа на принципот на јавно приватно партнерство со Електрани на Македонија. Десетте квалификувани заинтересирани компании за изградба на хидроцентралите се резултат на изборот на добар консултант, како и на променетиот начин на информирање на компаниите за проектот и на делумно флексибилното техничко решение за нивна градба – смета вицепремиерот Владимир Пешевски. Според министерот за економија Фатмир Бесими, на тендерот се квалификувале фирми од Обединетото Кралство, Италија, Чешка, Австрија, Грција, Кина, Кореја и Индија. Директорот на ЕЛЕМ Влатко Чинговски истакна дека изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште е од исклучителна важност за електроенергетскиот систем, бидејќи ќе се затвори процесот за енергетско искористување на Црна Река.

Loading