ЗНАЧАЈНИ ВИСТИНИ ЗА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ПЕНЗИОНЕРИ

Здружението на пензионери од Прилеп од финансиски аспект е најмоќна организација во споредба со другите здруженија на пензионери од земјава. За тоа сведочи податокот во извештајот за работата на Здружението во 2008 година, подготвен од тогашниот претседателПандо Бачанов. Стои дека Здружението располага со финансиски капитал, односно со парични средства во благајната, на жиро сметка, на издвоена сметка на солидарниот фонд, орочени средства во Стопанска и Комерцијална банка, вкупно 18 милиони денари.

Големиот финансиски капитал му овозможуваше, а и понатаму да троши значителни средства во интерес на пензионерите. Во иднина ќе постои можност за издвојување на значителни средства за хуманитарни цели, развојот на културно – забавниот живот, одморот и рекреацијата на пензионерите, спортот и други активности. Финансиската моќ е резултат на делувањето на зголемувањето на приходите, правилното раководење на претседателите во изминатите периоди од основање до 2009 година.

Најзначаен извор на повеќето Здруженија е чланарината. Таа е единствен, а Прилеп има дополнителни значајни извори. Тоа се приходи од камати на орочени средства и приходите од кирии од деловните објекти, сопственост на Здружението. Орочувањето е извршено за време на претседателствувањето на Трајче Кузманоски, а по моја иницијатива и одлука на Извршниот одбор. Со орочувањето Здружението остварува годишен приход од над еден милион денари. Најголем дел од финансиските средства се наменети за хуманитарни активности. Се користат за неповратна парична помош на пензионери кои страдаат од тешки болести, партиципација за трошоците на пензионерите кои користат бањско лекување, помош на пензионери кои настрадале од некоја елементарна непогода, како што е пожар и друго.Втор важен извор на дополнителни приходи се кириите, кои ги добива Здружението за користењето на деловните објекти кои се негова сопственост. Овие приходи годишно изнесуваат 1,5 милиони денари. Тие нема да постоеја, ако Пандо Бачанов, како претседател, не ги регулираше имотно – правните односи, со кои Здружението стана сопственик. Без овие активности, Здружението не само што ќе ги немаше приходите, туку ќе плаќаше кирија за користените простории за Здружението и за клубот.

Правилната политика во раководењето е вториот фактор за финансиската моќ. Таа се манифестира со тоа што секоја година расходите беа помали од приходите. Така се создаваше позитивна разлика и годишно се акумулира позитивна разлика. Тоа доведе до перманентно зголемување на капиталот.

Пензионерите треба да бидат информирани за тоа кои луѓе и во кое време придонесле за сегашната финансиска моќ на Здружението.

Најверојатно, на изборното Собрание, кое ќе се одржи месецов, приврзаниците на сегашниот претседател Кирил Ѓорѓиоски, ќе ги истакнуваат неговите “способности” и “заслуги” за успешното работење последните две години, во кои тој претседателствува. Ќе истакнат дека инвестирале 560 илјади денари за промена на фасадата на зградата на Здружението, како и реновирањето на клубот. Ќе ги истакнуваат “успешните” активности во областа на културно забавниот живот, одморот и рекреацијата, спортот. Ќе “забораваат” дека тешко е да се создаде финансискиот капитал, а многу лесно е да се потроши, и дека активностите во областа на културно – забавниот живот, одморот и рекреацијата, спортот и другите активности во последните две години се одвиваат според утврдената концепција од поранешниот претседател на Пандо Бачанов.

Со сегашниот претседател Кирил Ѓорѓиоски се менува досегашната концепција на создање позитивна разлика помеѓу вкупните расходи и вкупните приходи во текот на годината. Тоа се потврдува со фактот што со финансискиот план за 2011 година, вкупните расходи се еднакви на вкупните приходи. Тоа значи дека во 2011 година целокупниот остварен приход ќе биде потрошен.

м – р Димитар Стојкоски

Loading