ИМАМЕ ЛИ ИЗБОР?

Кога ќе забележиме дека сме залутале во собитија тешки, сложени и драматични, ни се наметнува помислата – имаме ли некаков избор? Можеме ли на некаков начин да ја подобриме сопствената позиција или пак ни преостанува единствено да погледнеме горе во небото и да се помолиме на Господ да биде милослив кон нас и нашите најблиски.

За жал, низ транзицискиот период кој трае подолго од 20 години, ние, граѓаните, многу често се соочувавме со многу тешки, сложени и драматични ситуации. Во изминатиов период на мнозинството од нас ни беше многу тешко и се уште ни е напорно обезбедување на лична и фамилијарна егзистенција. На меѓународен план, на сите ни е јасно дека нашите политичари мораа да поминуваат низ многу бури да обезбедат натамошно безбедно пловење на   независна Македонија.

Како личност загрижена за иднината на своите најблиски како и за иднината на својот народ, во последно време многу често си го поставувам прашањето: Дали парламентарната демократија ни донесе повеќе можности да можеме да го избераме она што сметаме дека е подобро и да се движиме сите заедно кон општо подобар живот или пак сите заедно влегуваме во ќорсокак на поединечна и државна бесперспективност и безнадежност.

Надеж ми даваат позитивните примери од нашето историско минато кои покажуваат дека во судбинските мигови македонскиот народ наоѓа сили да се издигне со здружени сили во надминување и разрешување на најтешки и најсложени искушенија.

Мислам дека не би било лошо сите, поединечно, да се обидеме да се разбудиме од состојбата на подзаспаност. Смирено да погледнеме во облаците кои се надвиснуваат над нашава Македонија, да ги заборавиме барем за миг пораките на партиските лидери и да размислиме одговорно и самосвесно, подкрепени од свежината на новиот ден што се раѓа, кои се долгорочните интереси на секого од нас поединечно, но и на нашава Македонија.

Да извагаме добро која е долгорочно подобра опција за нас: Онаа во која доминираат ултимативни закани или некоја друга во која се поистакнати внимателни предупредувања. Да се обидиме заедно да ја провериме заедничката предност што се обезбедува со позицијата на конструктивното предупредување, наспроти заедничката поразителност кон која неизбежно нé води позицијата на закани. Да ги распознаеме сеедно од која страна, односно од која политичка партија тие доаѓаат и, дури потоа, кога сме сигурни, одговорно да се изјасниме за нашата иднина.

На прв поглед, предупредувањето наликува на заканата, бидејќи и двете ги откриваат негативните последици на непостигнатиот договор. Но, постои една критичка, суптилна разлика. заканата изгледа субјективна и конфронтациска, додека предупредувањето делува објективно и почитувачко. Заканата е објавување на вашата намера да се предизвика болка, повреда или казна на спротивната страна. Спротивно, предупредувањето е предвремено укажување на опасноста. Заканата навестува што ќе им направите на противниците, доколку не се согласат. Предупредувањето укажува на она што ќе им се случи на сите, ако не се постигне договор. Додека заканата е конфронтациска, предупредувањето се искажува со почитување.

Да се обидеме, како совесни и одговорни граѓани, да ги изразиме нашите опции за подобра заедничка иднина на одговорен начин, самостојни да носиме осмислени одлуки без да влегуваме во стапица со тоа што ќе гледаме смртни непријатели таму каде што има само поразлични позиции од нашите. И да не заборавиме дека подобра заедничка иднина е можна, само ако градиме мостови на соработка со оние покрај нас, и да им подариме повеќе доверба на оние политички субјекти кои конструктивно предупредуваат, а не на оние кои се служат со ултимативни закани.

Др Јохан Ѓорѓиоски

Loading