САМО СО ПРУГИ И ПАТИШТА, ПЕЛАГОНИЈА ВО ЕВРОПА

Државата планира 50 милиони евра за модернизација на железницата

Нужен е железнички пристап кон Драч со стеснувањето на солунското пристаниште

За модернизација на железницата потребни се 50 милиони евра. Владата го прифатила планот на Македонски железници – Транспорт (МЖ), затоа што железничкиот сообраќај е крвоток на транспортот. Не само заради тоа што превезувањето на копно на стоките и луѓето е најефтино, туку и поради тоа што железничката инфраструктура има стратегиски карактер за секоја земја. Оливер Деркоски, првиот човек на (МЖ), вели дека одредени иницијативи се нужни за развој на железницата. За жал, последниве 30-40 па и повеќе години, не се водело сметка за развојот на железницата. Малку се инвестирало, но никогаш не е доцна за вложувања. МЖ Транспорт располага со влечни средства, кои моментно се одржуваат во живот, а со кои се успева да се превезат околку три милиони тони стока на годишно ниво – вели Деркоски. Железницата не смее да застане. Нужни се чекори за раст, оти во Југославија се превезувале околу осум милиони тони стока. Се движеме во таа насока, а тоа бара инвестирање во возните влечни средства, нови вагони, нови локомотиви за подобрување на услугите на стопанството. На завидно ниво е соработката со македонските компании на единствениот коридор север – југ – вели тој.

Во иднина, мора да се иницира завршување на кракот Д од коридорот 10, кој ја поврзува Битола преку Кременица со Лерин, односно со северниот дел од Грција, за кој што постои исклучителен интерес од стопанственици од двете страни. Постои и интерес за превоз на јаглен од Косово и кон грчките термоцентрали. Има интерес и за транспорт на други рудни богатства. Мора да се развива и коридорот 8, како алтернатива за пристаништето Солун, кое станува тесно грло. Со коридорот 8 може да се користи пристаништето Драч кое сега го концесионираат Турци и се надминуваат инфраструктурните тешкотии, поради плиткоста на морето. Се преземаат мерки пристаниште да стане пристапно за поголеми бродови. Алтернатива во иднина треба да се гледа во пристаништето во Драч, зашто од него има пристап и до повеќе држави од Средоземјето. Коридорот 8 дозволува користење на пристаништата Бургас и на Варна во Бугарија. Целта е што побрзо да биде изградбата на тие делови на коридорот 8 – објаснува Деркоски.

Реновирање на патнички вагони

За патничкиот сообраќај ќе реновираме 30 патнички вагони и ќе набавиме пет моторни гарнитури. Мора да се набават средства по ЕУ стандарди. Ќе успееме во намерата, зашто имаме и реална поддршка од Владата – убеден е Деркоски

Електрификација на пругата Велес – Битола?

Важно е да се тргне кон проекција на електрификацијата на пругата кон пелагонискиот регион. Тоа е заштита на животната средина со отстранување на дизел горивото и поефтинување на услугите. Да се иницира дали во законот за акцизи да се зафаќа за железничката инфраструктура. Во тој дел треба да се одвојуваат средства во делот за електрификацијата на железницата, за пругата. Инвестицијата може да се издржи, оти електрифицирањето на еден километар чини околу 75 илјади евра. За десеттина милиони евра може да се електрифицира овој крак, а би добиле побрз, поефикасен превоз за помалку време и во товарниот и во патничкиот сообраќај. Може да се искористат железничките предности како насекаде во светот – порачува Деркоски.

Итна градба на автопатот Прилеп – Велес

Симон Наумоски, претседателот на Регионаланата стопанска комора на Прилеп, вели дека изградбата на инфраструктура е важна за стопанствениците, не само за денес и утре, туку и подолгорочно. Праќаме порака да се направи неопходното за стопанството, а тоа се зафати што носат заштеди, кои, од друга страна, продуцираат развој. За развојот на патиштата пред четири години покренавме иницијатива и потпишавме договор меѓу коморите од Прилеп, Битола, Велес, Ресен и Охрид и го доставивме до Владата и министерот за транспорт и врски, со кој бараме итна градба на автопат Велес – Прилеп и Ресен – Охрид, вклучително и кракот за Грција во југозападниот и централниот регион во Македонија со многу предности и огромни потреби. Го потенцираме и денес, зашто без развој на инфраструктура, без одржување на крвотокот, нема одење во Европа, нема економично работење во стопанството, нема развој. Не може стопанството да влезе во Европа со ваква инфраструктура. Или тоа ќе биде на голема штета врз платите во стопанството и на развојот. Затоа, посилно и почесто да се нагласува потребата од автопат меѓу Велес и Пелагонија и понатаму кон Охрид и Грција, ако сакаме во Европа. Затоа да се залагаме сите максимално, Владата да стави повисок приоритет за изградбата на патиштата и модернизација на железничкиот сообраќај – вели Наумоски.

Loading