ПОДЕМ НА ИНТЕРНЕТ БАНКАРСТВОТО НА СТОПАНСКА БАНКА ОД СКОПЈЕ

Околу 12 илјади посетители дневно ја посетуваат интернет страницата

Новата информатичка технологија и модерниот начин на живеење го менуваат и начинот на користење на банкарските производи и услуги од страна на корисниците. Поголемата информираност и увид во сопствените сметки, заштедата на време и мултифункционалноста, осигурани со интернет банкарството, обезбедуваат намалување на трошоците и поголема ефикасност. Од дома или од работа за само неколку минути може да се провери состојбата на сметката или да се изврши одредено плаќање. Затоа, не изненадува фактот што околу 12 илјади посетители во просек дневно ја посетуваат интернет страницата на Стопанска Банка од Скопје, со цел да се информираат или реализираат одредена операција. Со определбата да биде модерна банка, блиска со своите корисници, Стопанска банка во изминатиот период интензивно работеше на подобрување на овој сервис, внесувајќи новитети за подобрување на услугите на своите корисници. Веб страницата на Стопанска банка има нов изглед, зголемена функционалност, со нови начини на комуникација, кои обезбедуваат полесно и побрзо користење на стандардните банкарски производи. Промоцијата го зголеми престојот на клиентот за 58 отсто од вообичаеното. Тоа покажува дека се привлекува вниманието со поинтересните содржини. Споредувајќи ги податоците од 2009 и 2010 година особено радува фактот што бројот на трансакции, реализирани преку е – банкинг сервисот, се зголемиле за 33 отсто. За 45 проценти е зголемен бројот на корисници правни лица додека 37 отсто повеќе клиенти се физички лица. Клиентите сé повеќе ги согледуваат предностите на оваа алатка. Затоа Банката работи интензивно на усовршување. Најново во е – банкинг услугите се готовите шаблони за плаќање на рати по кредити или картички, шаблоните за вообичаените режиски комунални услуги (вода, струја, парно, телекомуникациски услуги и услуги кон кабловските оператори), но секако, преглед и во деталите за производите кои клиентите ги користат како што се депозитни или кредитни картички. Со еден клик, клиентот може да го добие амортизациониот план за кредитот кој го користи и листата на плаќања. Корисниците имаат преглед на сметката 24 часа, да префрлаат средства од една на друга сметка во Банката, да добијат месечен извештај за кредитната картичка, детален увид во кредитните и депозитни производи кои ги користат и можност за поуспешно управување со сопствените средства. Покрај веќе добро познатиот е-банкинг сервис во групата услуги под брендот и-банк Банката уште лани прва на пазарот ги унапреди своите банкомати во мини филијали, на кои 24 часа може да реализира плаќања на рати за кредити или картички, сметки за режиски трошоци, да добие увид во месечен извештај и сл. Секако Банката продолжува да развива и нови канали. За кусо време ќе се активира и телефонското банкарство кое ќе овозможи банкарски трансакции на сите заинтересирани клиенти со софистициран систем за идентификација и верификација преку телефон.

Loading