АМАНЕТ ЗА МЕРМЕРСКА ДУША

Три генерации работници во Мермерскиот комбинат

Од дедо – внук ја наследил лозата, за чесна и доследна макотрпна работа со каменото бело злато

 

Уште од врата, се познава дека се влегува во куќа на мермерџии. Сјајот на мермерните скали одаваат префинетост на внатрешноста, создавајќи чувство на грациозност кое само мермерот прилепски го зрачи. А каменот, кој бара росни капки по челото да потечат за да се ископа, обработи и “л’сне”, се врежал длабоко во срцата, во коренот на семејството Милески. Дури три генерации од сојот, јаделе леб од рударската мака, голтале бела мермерска прашина и подготвени биле и денот и ноќта да ги спојат, да се заврши работата во Мермерскиот комбинат. Зошто Комбинатот им бил не само “златна кокошка”, туку и мајка и сопруга и сигурност, која ја плаќале со голема лојалност. Неполни четири децении 61 годишниот Милан Милески катаден одел и се враќал во рудникот Сивец и во фабриката, чесно одработувајќи го својот работен век. Иако не бил рудар, и не удирал со казмата по џиновските мермерски блокови, бил на уште поодговорна позиција зошто бил “генераторот” на фирмата. Ги одржувал и поправал машините под чија моќ попуштале природните слоеви камен, а пак на работниците им ја штител главата на раменици со исправната машина. Работел тој, работел и неговиот татко Димко, за сега да ужива во пензионерските денови, а “мермерската традица” ја наследи неговиот син Гоце кој веќе два месеци оди по стапките на дедо му, татко му. Милан учел и гледал од татко син, како се вади леб од бел мермер. Од дедо – внук ја наследил лозата, за чесна и доследна макотрпна работа со каменото бело злато. И сега да ми речат, тргнувам на работа. Ќе одам, зашто од таа фирма изгледав и школував три деца. И оваа куќа и браварската работилница, ми се од Мермерскиот комбинат, со заштеда со прекувремена работа. Не сум знаел за ден – ноќ, сабота – недела, празник – делник. Со колегите тимски работевме, се договаравме, како за своја фирма. И денеска со истото темпо работат – вели Милан Милески.

Го викале “детето на Димко”

Милан, откако малку поработил во Скопје, испаднал себап да работи во Мермерскиот комбинат, заедно со татко му Димко. Двајцата со татко ми се затекнавме, 1971 – 72 г. во Мермерскиот комбинат. Ме викаа “детето на Димко”. Од првата плата си купив велосипед со брзини. Ќеф ми беше да одам на работа. Каков автобус. На работа колегите му велеа на татко ми дека се гледало дека домаќинче бидува од мене. Татко ми, ми рече: “Синко јас досега те советував, од сега гледај да не го осрамотиш образот”. Тој 40 години беше во Мермер. Истото му го реков и на син ми. Мислам дека ќе може да гради просперитет и да напредува – вели таткото Милан. Се сеќава дека слога и разбирање ја красело нивната работа. Се соживувале еден со друг работниците зошто имале единствена цел да ги “урнат” белите карпести предели, да “заџабарат” што подлабоко во утробата на земјата и да извадат што поквалитетен блок камен кој добро ќе се продаде на пазарот, оти дома ќе однесат парче леб за детските усти. Иако работел на одржување на машините, имал можеби не многу тешка работа, но одговорна. Во Мермерскиот комбинат има голема слога. Можеше да се скараме и се да си речиме, но работата е работа. После успешно исправен дефект доаѓа кефот. На поголем дефект, повеќе си исполнет. Одржував тешки машини за секојдневна обработка на каменот. Во времето на Пајмакоски, се групиравме во две смени. Едни одмаравме, други работевме. По работата, ќе дојдеа директорите и ќе донесеа салами, кашкавали, да наздравиме за успешно отстранетиот дефект. Синот кога се женеше, внукот од мојот колега, електричарот Мургоски, му стана девер на венецот. Во мојот работен век, на кого и да му речев, никој не одбил за помош. Ние, одржувачите на машините, ако не работевме никој не ќе можеше да работи и ќе немаше пари. Без работа нема пари. И пилињата гледаат кој колку чесно работи – вели Милан.

Син заменил татко – таткото го наследил син

Се истркалале четири дузиња години минати во Мермерскиот комбинат. И кога Милан требало да оди во пензија, на заслужен одмор се повторила приказната. Син заменил татко, односно работното место на таткото го наследил синот. Ги оставив да си размислат и двајцата синови, да видат каде ги бидува. Ме прашаа дали сакам да ми исплатат пари или вработување. Размисливме сите. Познавајќи ме мене, раководните лица предноста ја видоа во наследниците – вели Милан. Како некогаш дедо му, па потоа татко му, така и синот Гоце ја сака работата. Педантен е, млад, има уште да учи, но не сака дамка да фрли на името на неговите претци запишано во прашината во Мермерскиот комбинат. Си идеше од работа татко ми и секој ден го прашував како било. Да каже некоја згода или незгода. Работиме ист занает. Во пет часот станувам да не задоцнам на работа. Ме учел на чесност и трудољубивост – вели Гоце. Аманетот за одговорно работење останала од дедо, се пренесла на таткото, а потоа на синот. Татко ми Димко остави аманет. Работата чесно да ја работам, тој аманет и јас го пренесов на син ми Гоце. Татко ми не изгледа со една мермерска плата, и јас три деца, а сега син ми ја рани невестата и да даде Бог и челата која ќе се народи. Ми се исполни душата кога синот се вработи – вели таткото Милан. Остана аманетот, за од колено на колено да се пренесува и негува.

МЕНАЏЕРСКИОТ ТИМ ПРИЈАТЕЛСКИ НАСТРОЕН

Работниците во Мермерскиот комбинат се добро платени. Инженерите и управниците, сите се како една фамилија со работниците. И во фабриката, и надвор, работниците се блиски. Првиот човек Горан Попоски е успешен како менаџер, потекнува од семејство во кое имало докажани раководители. Пристапен е со работниците и пријателски настроен. Имавме прекрасна новогодишна средба – вели Милески. Памети многу пријатни моменти во Мермер.

РАБОТА И НА ПРАЗНИК

Екипата за одржување на машините работела постојано. За машинобраварите немало “зима”, ни во зима за да можат што побрзо да ги “оправат” машините да продолжи процесот на експлоатација и обработка на камен. Лапајца невидена за Свети Никола. И работевме како браќа. Вечерта врни, а ние наместо на слава, на грав и сарма, покрај машини. Сработивме, студот не го почувствувавме – се присети Милан Милески. Како технолошки вишок, ја напуштил фирмата и заминал в пензија за на негово место да дојде синот Гоце.

Loading