МАСАЖАТА НА МЕЧКАТА

Постарите прилепчани се сеќаваат на времето кога по маалата шетаа мечки додека мечкарот удирал на дајре, а таа играла. Насобраните се смееле, а на крајот фрлале парички или го дарувале со прехранбени производи.

Народната вели: “Ако мечката заигра в комшии, ќе дојде и кај нас”. Оваа поговорка е веројатно од пред седумдесетина години.

Луѓето со седи коси паметат атракција со мечки кои правеле несекојдневни движења. Обично пред Велигден, сопствениците на дресирани мечки ги посетувале селата. “Мечкарите” ги користеле мечките за “масажа”. Масивното диво животно врзно со синџир ги газеле луѓето за здравје и играло во куќите за среќа. Луѓето со радост и возбуда ги чекале необичните гости да им го разубават животот. Дури се подготвувале и зачистувале дома кога ќе разбереле дека доаѓаат “мечкарите”.

– Идеа групи со “наџиџани” мечки, минувајќи го селото за неколку часа. Звукот на дајрето и тарамбуката ги раздвижуваше мечките огромни тела. Животните беа “учени” да се поздравуваат, да се вртат и да играат исправени на две нозе. По диктат на газдите, ги извршуваа командите. Биле дресирани од мали да носат пари. Кажуваа дека им биле скршени забите. Газдите не ги тепаа. Носеа долги стапови, а устата им беше врзана во метална корпа. Се веруваше дека ако мечка “згази”, луѓето ќе бидат поздрави. Обично ги “цапаа” со две нозе на половината на подот дома. Не им се појавуваа “светкајци” од очите. Луѓето ризикуваа и í се “даваа” на мечката. Владееше убедување дека лековит бил “допирот”. За чудо, тие кои ја почувствале “тежината”, ретко беа болни и беа долговечни. Природното необично “масирање” за половина час чинеше од 500 динари нагоре. На помладите им беше страв. Ако се разлутеше, легнуваше на оној кој ќе го гази и не стануваше. Тогаш беше опасно и куп мажи, ја влечеа корпулентната “масажерка”. Велеа дека ќе нема страв, оној кој ќе го надмини стравот мечка да го “згази”. Плашливите бегаа и мечките им играа во двор или дома за семејството да го следи среќа. Возбуда и радост се чувствуваше. Никој не сакаше да остане “покусо” и се натпреваруваа во кој дом да заигра мечката. Се собираа луѓе и гледаа со воодушевување – се сеќаваат постари луѓе.

Се наоѓаат фотографии како се третираат проблеми со грбот. Вистинска храброст е болниот да се согласи над себе да има товар дури и од 500 килограми. Не се плашеле дека крзненото животно може да им ги здроби сите коски во телото доколку се случи некој погрешен потег.

Деновиве, во селото Дреновци мечка нападна 61 годишен говедар кој претрпел опасен напад на планината Мукос. Се здобил со повреди кои за среќа не биле фатални.

Но, имало случаи и кога луѓето успевале да ги “зборат” мечките. Таков настан се случил во 1959 година во селото Новоселани. Мечка направила пакос во селото. Кај жителите се влегол страв. Трепереле и пискале. Се криеле во домашните амбари и долапи. Според она што го пишува поранешниот колега Петар Попоски во весникот Нова Македонија, 36 годишниот Данчо Кочоски успеал да ја кутне мечката и со секира да ја убие на очиглед на неговите соселани кои не можеле да пукаат од страв да не го убијат.  Го добил “мегданот”. При “измерувањето на силите”, првин ја удрил со секира во главата, а таа паднала на него. Успел уште еднаш да ја удри и да ја победи со соборување на грбот. Така ги спасил соселаните. Но, во борбата со надалеку потешкиот противник, Данчо го повредил стапалото. Доктори го третирале во болницата во Прилеп. Покрај маката што ја имал од раната, со задоволство раскажувал како ја поразил мечката.

Наш “жител”

Мечката е наш дивеч под трајна заштита. Активна е само кафеавата. Бара мир, храна и услови за живот. Ја има во Мариово. Се забележува кај селата Никодин, Стровија, Беловодица…

Обично се високи околу два метри, тешки од 150 килограми нагоре, имаат доволно сила да стојат на две нозе. Живеат од 30 до 35 години. Полова зрелост достигнува на 3-4 години. Најмногу раѓа 2-3 три мечиња. Од мај до јули и е период на чивтење, а младите ги носи 196 дена. Време на котење е во јануари или февруари.

Loading