ПРЕЛАЗНА – ПРЕОДНА

Во времето, кога немаше земјоделска механизација, земјата се ораше со плуг кој го влечеа ѕевгар волови или коњи. Откако ќе се изораше, за да се иситнат грутките или да се покрие насеаното семе, се користеше БРАНА. Тоа беа гранки (ветки) врзани на определен начин и така воловите или коњите ги влечеа преку изораната земја. За да притискаат повеќе врз грутките, на гранките се ставаа некакви потешки предмети, обично камења. Ако имаше деца и тие со радост седнуваа и така ќе се “повозеа”. Лично сме го доживувале тоа.

Во сегашнава, современа механизација, постојат современи, метални БРАНИ. Но, какви и да се, тие сепак се викаат БРАНИ. Ама ете, еден млад човек од прилепските села објаснува дека набавил некаква земјоделска механизација. Меѓу другото, кажува дека набавил ДРЛЈАЧ. Недоволно упатените во ваквите случаи прават уште една грешка, па го пишуваат ДРЉАЧ. Во Речникот на македонскиот јазик зборот БРАНА на српски е предаден како ДРЛЈАЧ. А во Српско – македонскиот речник зборот ДРЛЈАЧ е преведен како БРАНА. Значи и во речниците е така, а и нашите луѓе си ја викаа така – БРАНА. Но, младиот човек објаснува дека набавил ДРЛЈАЧ. Наместо да го праша татко му или дедо му, сака човекот да биде помодерен и покултурен, а не знае дека во македонскиот јазик не постои таква именка и воопшто не постојат и други именки кои би завршувале на ЛЈАЧ.

На една седница на Парламентот, еден наш избраник прави забелешка на еден Закон и вели дека тој овозможувал перење на пари до МИЛЕ ВОЛЈЕ. Каде ли го најде тоа, – до МИЛЕ ВОЛЈЕ?! Излишно е да бараме буквален превод на овој српски израз. Постојат многу начини да се каже тоа. А за ПЕРЕЊЕТО пари сме пишувале и порано.

Еден друг народен претставител исто така не се согласува со содржината од некој Закон и вели дека тој се донесувал – РАДИ РЕДА!!! И за ова не треба да се коментира, освен потсетувањето дека го слушаме во Парламентот на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Ваму – таму пак сме тука, на изворот на грешките, во Парламентот. Извор, и тоа непресушен и многу штедар. Да не е трагично, човек може и да се забавува со овие “бисери”. Што ли не сме слушнале?! Конструкцијата – ТАКА ДА е речиси редовна. Кога ќе се чуе тоа повеќе пати во едно излагање, навистина нервира и ги пара ушите. Зошто да не биде македонското ТАКА ШТО?! На пример – “Колата ми се расипа, ТАКА ШТО (не така да) бев принуден да доаѓам пеш”.

Слушаме и вакви реченици – “Овој Закон, ПО МЕНЕ, не е добар”, наместо – “Овој Закон, СПОРЕД МЕНЕ, не е добар”. Пред некое време пратениците жестоко се испокараа за тоа дали Извештајот од Брисел бил позитивен или негативен. Едни го тврдат едното, другите другото. На крајот, како да се согласија дека сепак извештајот бил позитивен, но оценката била одвај ПРЕЛАЗНА. Драги наши, зар не знаете дека во македонскиот јазик не постои именка ПРЕЛАЗ, па според тоа и придавката не може да биде ПРЕЛАЗНА. А оценката може да биде ПРЕОДНА и НЕПРЕОДНА.

Остра расправија се водеше и за тоа, зошто во Обединетите нации, во соодветната графа, два дена било избришано, не пишувало – МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК. Кој го направил тоа?! Има ли виновник?! Кој смее да ни го одземе правото на јазикот и на идентитетот?! Зовре “патриотизмот”, барајќи го виновникот!

Но, драги наши избраници, ако продолжиме вака да го практикуваме и да го применуваме нашиот македонски јазик, тој ќе исчезне и од Македонија, не само од Обединетите нации.

Благоја Ивчески

Loading