УМЕТНОСТА Е ОСЛОБОДУВАЊЕ ЕНЕРГИЈА

Катерина Деспот, уметник

“Иста линија” е тематската изложба на пастели од сограѓанката Катерина Деспот, која вечерва од 19 часот ќе биде отворена во галеријата на ЦК “Марко Цепенков”. На видело се 25 суви пастели од последните години. Темата е “иста линија”, оти сите во животот протегаме една иста нота, ја носиме со себе. Ги потенцирам геометриски форми и ги претставувам различно – вели Деспот. Таа е професор по индустриски дизајн. Вели дека се надополнуваат сликарството и дизајнот. Сликањето и дизајнот одат напоредно, во зависност од потребата. Некогаш сакаме да создаваме функционални форми, некогаш на формите им даваме естетика, на кои ја пренесуваме уметноста. Дизајнот сам по себе е интересен за изразување, тој е поупростен начин на гледање на работите. Како ги гледаме, така ги претставуваме. Не секогаш треба да имаме јасна порака – раскажува уметничката. За неа уметноста е ослободување од себе си. Кога творам, го ослободувам она што го носам во себе. Протокот на енергија што го чувствуваме внатре, треба да излезе надвор. Така настануваат моите дела – додава таа. Ова и е четврта самостојна изложба. Три имала во родниот град, една во Штип и тоа пред неколку месеци. Убаво е да го прикажеме она што сме го создале. Задоволна сум што Центарот за култура им овозможува на уметниците да го изложат трудот – завршува Катерина Деспот, чии пастели, љубителите на уметноста ќе можат да ги видат во наредните две недели.

Loading