ПАРИТЕ И ЧОВЕЧКИОТ ОДНОС МАГНЕТ ЗА ЈАДРАН

Прилепчани заминуваат на сезонска работа во Хрватска

Околу 450 уверенија за неосудувани издал општинскиот суд од први март досега. Главно граѓаните се млади и ги бараат овие документи за сезонска работа не само за Хрватска, која последниве години е “гладна и атрактивна” за работна сила, не само за угостителството и туризмот во летните месеци, туку и за други занимања за кои има дефицит.

Додека туристичката сезона е пред почетокот и од први мај се очекува првиот бран, поголем број млади од градов веќе ги пакуваат куферите да работат главно во ресторани, кафетерии, слаткарници, хотелски објекти како келнери, собарки, одржувачи на паркови, работници во перални и на други потреби во туристичките дестинации во Хрватска. Оваа е една од омилените дестинации за нашинците поради близината, јазикот, висината на платите. Заработувачката за осум часа во Хрватска е околу 1500 евра месечно за шест дена неделно со платено сместување и храна и придонеси, плус пат за доаѓање и заминување. За вештите, има екстра бонуси и бакшиж. Не секогаш мотивите се економски.

Прилеп се празни, летово ќе нема кој да работи. Меѓу многумината кои ќе заминат на сезонска работа во странство е и Сара Богеска (27). Од списокот на европоски земји кои се најчеста дестинација, таа ја избра Хрватска заради убавото искуство од лани. Во Хрватска лесно се добива работна виза со оглед на големата потреба од работници, особено во летниот период.

Таа вели дека уште во јануари ја исконтактирал ланскиот газда и и ги понудил речиси истите услови за работа како мината година, а кои биле задоволителни за неа. Иако заминувањето на младите надвор од државата е тренд, таа објаснува дека младите заминуваат надвор, заради тоа што се подобро платени.

-Заминуваат заради подобрата плата. Воедно и за подобриот однос на работодавачите. И за гостите кои престојуваат во угостителските објекти. Потешко се снаоѓаат во странство оние без никакво претходно работно искуство. Не се оди надвор неподготвен и без соодветни работни квалификации. Тие што го работеле тоа овде, односно биле келнери или шанкери, ќе им биде полесно. Имаат можност повеќе да заработат. Тие што немаат никакво искуство потешко ќе се снајдат и ќе се вратат назад – објаснува Сара Богеска.

Таа вели дека работодавачите знаат да ги препознаат вредните работници и да ги наградат. Воедно, потребно е прилагодување на условите за работа и местото каде се наоѓаш.

– Само после две недели од мојот ангажман, добив значително зголемување на платата. Работодавецот веднаш ги препознава вредните работници. Имаме пристојни услови за сместување, дури на користење имаме и автомобил за нашите потреби и патување до блиското населено место затоа што работиме на остров. Работата е осум часовна. Се вреднува односот кон гостите, приодот во работата и сериозноста. Ја вреднуваат работливоста. Почитуваат кога постои дисциплина и посветеност во работата. Не сакаат можеби губење на време, празни муабетења и слично. Потребно е да имаш свој стил во работата, свои стратегии и приоди како да успееш од клиентот да извлечеш задоволна насмевка, па дури и бакшиш кој најчесто се дели со останатите колеги. Но, најважно е што секој прекувремен час, ден или празник се плаќа соодветно – објаснува Богеска.

За разлика од лани кога на истото место имало дури 30 прилепчани, годинава нивниот број ќе биде далеку помал. Таа останува на истата позиција. Има богата искуство со работа во прилепските кафулиња. За тоа каква е разликата и како може да се сменат работите и младите да останат во Прилеп, објаснува дека некогаш клучни може да бидат и 200 денари дополнително.

– Едноставно за покачување на дневницата од 200 денари, може да донесеш ваква или таква одлука. Овде можеби сопствениците се понапорни, а исто така и гостите. Таму, клиентелата е сосема поинаква, поопуштени, покултурни. Лесно може да ги разбереш нивните потреби и соодветно да реагираш. Доклку гостинот пуши пура, се знае дека треба да донесеш и соодветен пепелник. Во Хрватска имаат поголемо искуство со подготовката на храната, но со пијалоците, коктелите и миксовите, ние предничиме. Знам да ги изненадам гостите и им подготвувам нешто несекојдневно и необично со кое тие се воодушевени и ме бараат повторно да ги услужам – раскажува Сара Богеска.  

Дотогаш прилепските сопственци на угостителски и трговски објекти “плачат” и бараат “под дрво и камен” замена за досегашните работници. Дури самите ги засучуваат ракавите и стануваат келнери, шанкери, садоперачи и чистачи на објектите, оти не можат да најдат кадар за послужување на гостите. Едноставно, со македонските цени на услугите и дневните надници, младите, особено оние кои се вредни и способни, а и со искуство не чекаат и заминуваат. Се регрутираат ентузијасти во добра физичка кондиција. Некои покрај работата, имаат шанса да прошетаат.

Дури има и витални пензионери кои ја дополнуваат пензијата со работа како чувари, одржувачи на паркови, работници во пералници, организатори во кампинзи… Не ретки се случаите кога некои вработени земаат неплатен одмор да работат во Хрватска. Младите често ги повлекуваат и родителите и се преселуваат, наоѓајќи и работен ангажман после туристичката сезона.

Некои заминуваат од општата неповолна еконоска и бесперспективна состојба во земјава. Особено тоа го чинат интелектуалците, докторите, информатичарите, инженерите, па и занаетчиите со искуство како водоводџии, електричари градежници…, кои заминуваат заедно со семејствата и децата низ Европа.

Работодавачите во Далмација бараат готвачи, келнери, портири, рецепционери, шанкери, чистачки…. Со огромна концентрација на приватни станови, конкуренцијата е силна во потрагата по работници. Хрватските бизнисмени во туризмот, веќе ги “капарат” ланските добри работници за повторен ангажман со повисоки понуди на плати. Повеќето од бизнисмените обезбедуваат, градат сместување за работниците. Ги пренаменуваат помошните објекти во сместувачки.

Дора Драгиќ Цвитковиќ од Јелса објавила оглас во Заводот за вработување келнери и никој од потенцијалните невработени не се пријавил. Понудила прилично интересна плата со оглед на тоа што сака да вработува луѓе од Хвар за да не обезбедува сместување”. Но нема домашни работници. Недостасува работна сила.  Хрватите бегаат во побогатите земји од ЕУ.

Освен младите луѓе, како Сара Богеска, на работа со платени придонеси заминуваат и вработени во буџетските установи и институции. Најчесто земаат еден месец платен и по два – три месеци неплатен одмор за да заработат нешто дополнително.

Loading