ЕДЕН МЕЧ, ЕДЕН ИГРАЧ, А ДВЕ „ТРОЈКИ“ ОД 25 МЕТРИ!

Живот

Тие што сакаат кошарка, се изнагледале и домашна, европска и светска, американска НБА-лига. Видено секакви чуда, акции, кошеви, но тешко дека некој ќе може да се сети на еден натпревар еден ист играч да дал две “тројки’ од 25 метри далечина. Безмалку од едниот до другиот крај на теренот. Тоа се случи во Прилеп, во саботата, на натпреварот од 21. коло на Втората кошаркарска лига, Мега баскет (Прилеп) – МЗТ Уни банка (Скопје).

Човекот на кого му успеа овој подвиг е 19-годишниот Бојан Стојановски, член на гостинскиот тим. Се разбира, не станува збор за некаква намера, однапред подготвено нешто да биде некаква атракција, туку тоа се шутеви изнудени, кога истекува времето и нема време за акција, туку само за шут од далечина, додека истекуваше времето на втората четвртина. Домашните постигнаа кош, па остана само можноста некој од гостите да ја исфрли топката од далечина, да проба да дофрли до домашниот кош. Прво – да дофрли, а потоа да се надева, ако има среќа, да погоди. Топката веднаш му е додадена на Бојан, и тој, некаде малку одлево од сопствениот кош, силно ја фрла кон противничкиот кош. Таа високо летна, удри во таблата и влезе во кошот. Чудење, фаќање за глава кај гостите, кај домашните, кај гледачите. Па, добро, среќа. Ретко се случува, но се случува. Ако еднаш се случи, другпат којзнае кога.

По овој “шок”, добредојдена е паузата, одморот меѓу двете полувремиња, меѓу втората и третата четвртина. Во третата четвртина екипите ги сменуваат страните. И таа во последните секунди, како во претходната, сега и домашните постигнуваат кош. Пред неколку секунди пред свирежот на судијата, топката ја доби Бојан. Тој пак, како при претходниот случај, од речиси иста далечина, сега од спротивната страна, фрла силно. Топката пак ја погоди таблата, се одб и влезе во кошот. Прославениот ТВ-коментатор Младен Делиќ би извикал: Луѓе, дали е ова можно? Еден натпревар, ден играч, а две “тројки” од 25 метри далечина! Сме гледале и најголеми светски ѕвезди, како Мајкл Џордан и тие пред него и по него, но двапати тешко вака да погодиле на еден ист меч.

– Претходно имам постигнато неколку “тројки” од половина терен, но од ваква далечина, а и двапати на ист меч како во Прилеп, не се случило. Ретко е ова. Не секој добива шанса двапати да шутне на истекот на времето, а не пак двапати да погоди. Сум слушнал дека на Стеф Кари од Голден стејт му успеало, но не сум сигурен за тој податок – вели Бојан Стојановски.

Погодоците предизвикаа коментари. Многумина се прашуваа дали некаде се случило истото. И што е во прашање, среќа, знаење, вештина….?

– Момчево имаше и среќа и знаење. Не е само среќа Треба да имаш сила да ја фрлиш топката, да знаеш како да ја фрлиш. Сум го доживеал истото кога бев играч на 11 Октомври. Двапати игравме со Куманово. Прво, бидејќи беше под казна, Куманово нé пречека во Скопје, во салата на Работнички. Таму фрлив некаде од 25 метри и погодив. Потоа, на натпреварот во салата Македонија, пак со Куманово, пак фрлив и погодив. Од иста далечина двапати. Тренерот на Куманово ми рече: “Повеќе да не шутира”! За овие настани новинарот Миле Талески објави во белградскиот весник Спорт. Ете, јас двапати погодив на два натпревара, но Бојан двапати на еден натпревар. Ова се случува еднаш на сто години – вели Сашо Костоски, тренер, некогашен кошаркар.

На мечот Мега баскет – МЗТ Уни банка најважна беше победата на домашните со 72:61, а најдолго ќе се паметат двете “тројки” од најголема далечина. Кој не верува во ова чудо, може да се ја прегледа снимката на Јутјуб: хттпс://њњњ.ѕоутубе.цом/њатцх?в=кфјНџАцК1сЅ&т=30с

Loading