ДАНИЕЛ МЕЛВИН – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 26

Комарците, мувите, си отидоа. Замолчеа и распашаните оркестри од жабите. Густа магла го обвиваше селото и ја транспортираше смрдеата од блиските мочуришта. Автомобилите што беа ретки “во нормално време”, сега станаа уште поретки. Накусо речено, есента дојде.

Епидоптер беше легнат на своето вообичаено место, до изгаснатиот пампур. Сега беше долг речиси два метри, и телото му беше дебело колку она од релативно танок човек. Ме потсетуваше на автобус со приколка или на вагоните од воз.

Дојде зимата со снегот и со огнот од дрва во пампурот.  Со Марион уште ги броевме парите и се прашувавме дали да го продадеме нашиот стар автомобил. Но, ако тоа го направевме, што да се прави после во еден свет каде дури и за да се вршат купувачки треба да се располага со свое средство за превоз? Тешко прашање, многу тешко!

Нашиот пријател Епидоптер сосема го изеде своето “родно растение”, не оставајќи од него никаква трага, дури и под земјата.

– Што ќе јаде сега? – ме праша загрижено Марион.

– Не знам. Би можеле да му предложиме од нашат храна, леб…?

Пак нешто се случуваше. Тоа го осознавме без да знаеме како. “обвивката” од Епидоптер “издолжен – легнат” до печката вцрвенета од огнот, пукна. Некаков чуден инсект излезе од неа и почна да не мерка со своите големи очи “со многубројни растурени зеници”. Веднаш почна да јаде. П очна со својата зелена обвивка послана на земја. Потоа неговите нозе се подвиткаа. Изгледаше дека заспа на пристојно растојание од вцрвенетата печка.

Таа ноќ со Марион спиевме подобро од кога и да било пред тоа. Кога се разбудивме, констатиравме дека Епидоптер исчезнал. Свршил со крцкањето на својата зелена обвивка и си отишол.

– Никогаш повеќе нема да го видиме – рече Марион, нажалена заради исчезнувањето на Епидоптер кој стана наш пријател, роднина. Епидоптер, невозможниот инсект, “роден” во исто така невозможно растение, растение појавено на невозможен начин!

– Не, нема повеќе никогаш да го видиме – реков натажен заради исчезнувањето на Епидоптер.

Совпаѓање или не, дознавме од локалниот весник дека минатата ноќ била бурна во селото. Некаква силна црвена светлина го обвиткала. Луѓето телефонирале на пожарникарите, на полицијата, па дури и на една недалечна воена база. Што се однесува до Марион и до мене, ние не осетивме ништо од сето тоа?

Имаше и други совпаѓања. Епидоптер “дојде” минатиот месец, февруари, и си отиде точно по една година, во февруари.

Не ја продадовме нашата стара пријателка, колата, оти, за среќа, најдовме работа, па дури и интересна работа.

Ќе заборавев. Ревматизмот од Марион и некои мои болкички што си имав, исчезнаа. Сега се прашам. Дали нашиот пријател или пријателка, Епидоптер, со нешто има придонесено за сите овие подобрувања?

 (продолжува)

Loading