СТИЛ И ЉУБОВ ЗА ЗАДОВОЛЕН ГОСТИНОТ

Жарко Цифкароски (44), менаџер на ресторан во Грција

Веќе десет години Жарко Цифкароски (44) е менаџер на ресторан во Афитос, во Грција. На гостите во рибниот ресторан на Халкидики им нуди вкусна храна со европска услуга.

Со колегата, работат за 11 проценти денот од вкупниот промет. Од сопственичката на ресторанот обезбедено им е сместување и храна. Со деловниот партнер обезбедуваат персонал. Поделени се кој работи внатре во кујната, кој служи надвор и прима нарачки, кој носи вода ги поставува и ги чисти масите…  кој служи пијалоци, кој дел од мените во кое, покрај морската храна, се нуди и традиционалната како ражничи, суфлаки…

– Познавањето на јазиците ми овозможува да ги услужувам гостите од Грција, Бугарија, Русија, Србија, и се разбира од други земји кои знаат англиски. Во зависност од нивниот број веднаш се трудам да направам комбинација на масите и да ги сместам гостите – ја започнува својата приказна Жарко Цифкароски, менаџер на ресторан во Грција.

Претходното искуство од четири години, келнер во ресортот во Сани Бич, како студент каде стекнал 4 сертификати, му овозможило наученото да го примени, да ја воодушеви газдарицата и да му дозволи да го раководи ресторанот.

Работел и во Гентерм и Дрекслермаер маер . Но, желбата за поголема заработувачка го натерала да замине кај јужниот сосед. Пријател му помогнал да го најде ресторанот.

– Нашите мора многу да учат. Кај нас се бара пиц мајстор или келнер со или без искуство. Не може да немаат искуство. Келнерот треба да знае какви пијалоци може да им понуди на гостите. Нема сервис, нема кој да пречекува на влезот во ресторанот, никој ништо не објаснува, не се работи со љубов. Кога ќе рече некој не сакам ништо, мора да си умешен да понудиш нешто и да направиш добар промет и атмосфера за да земеш од 50 – 70 евра дневница. Во Грција еден зема нарачка, еден продава, еден носи јадење… Сé е поделено, има систем во работата. Од српски гости, од кои едниот беше професор на факултет за туризам, добив комплимент дека сум им понудил перфектна услуга. Странците ги респектираат келнерите. Кај нас служат келнери кои се како помошниците во Грција – вели Цифкароски.

Афитос е преубав. И Македонија има убавини. Но, потребна е поголема организација. Предлага да се направи своевидна дирекција при општината во која ќе се евидентираат сите расположливи работници, келнери, шанкери… угостителски работници.

– Сопствениците на кафетериите и рестораните треба да знаат од каде можат да најдат соодветни обучени кадри кои ќе може да ги платат и да ги вклучат во бизнисот за да добијат профит – објаснува Цифкароски.

Од мај стартува работата. Во Грција ќе биде шест месеци. Сопругата и трите деца засега остануваат во Прилеп, а во Афитос ќе му бидат само гости.

Засега Жарко Цифкароски не размислува трајно да го напушти родниот Прилеп.

Loading