Како прилепчани би потрошиле еден милион долари
– Младите сакаат да се луксузираат, а старите да трошат на внуците
Еден милион долари… Пари со еден кец и шест нули, кои не се добројуваат, па не да се држат в раце. Прашуваме, “Што би правеле со еден милион долари?”. Не е битно дали од небо ќе паднат, дали ќе се наследат од некој далечен роднина, дали ќе се откопа грне со богатство. Ја задевнавме и ја почешавме фантазијата на нашите сограѓани. Тие се смеат и одговараат дека ќе ги изарчат на жени, за свои острови, да го завртат светот… Постарите и заплакуваат. Не им се верува, па не ни да мислат.
Помладите сакаат да шетаат и да се луксузираат. Има и хумани, кои барем половината би ги насочиле за помош на децата.
Даниела Димоска: Би удрила на шетање, би го свртила светот ширум – попреку, Јамајка, па Шпанија, Франција. Би дала за гладните и болните деца.
Ангела Димоска: Половина за фондација за деца болни од рак, а другите за егозитични патувања, во Тибет, Лондон, Мичиген. Би патувала со авион и неколку месеци би крстарела на брод.
Марија Спиркоска: Ќе уживам. Цел свет ќе го свртам. Во Америка, Тајланд, Италија. Луксуз во хотели, облека, ќе купам убава кола. Уживам и во злато. Половина, на децата и внуците.
Лина Антоска: Би го прошетала светот. Дел би подарила на роднините со проблеми. Не трошам за глупости.
Дино Стојаноски: Половина за децата без родители, а остатокот за луксуз, бесни автомобили, згради, одмори, патувања.
Тодица Стојаноска: Ќе шетам на море, забави, луксуз. Ќе ги потрошам веднаш.
Столе Дурланов: Не знам што се 100 денари, не па што се милион долари. Секој ден ќе лижам сладолед и ќе уживам во други земни задоволства.
Некои за миг стануваат бизнисмени, па би изградиле цело царство.
Добривој Нешковски: Ќе отворам фарма за храна. Нема да ги дуплирам, да се радува народот, да јаде убава, чиста, еколошка храна. Најважна е егзистенцијата. Живееме да јадеме, да се облечеме, да се прошетаме, нова кола да имаме, да се подобри животот.
Благоја Габроски: Годините не ми се за идеи, но би инвестирал. Би им поделил на синовите и на внуците. Нешто за да се излезе од Македонија, од Балканов. Шпанија ми е омилена.
Рубин Иваноски: Би ги вложил во медиуми. Во ТВ куќа, оти се потребни многу пари и персонал. Би бил уредник на чета млади новинари. И малку постари да држиме стандард. Би ловел корумпирани функционери на било која власт.
Претежно постарите сонуваат за куќа и пристоен живот. Ваму-таму ќе ги раздадат, но и за нив малку да остане.
Милован Настески: Дел би подарил на децата без родители и во други хумани цели. Би ја средил куќата и децата. Парите не се многу, куќа за 500, џип од 100 илјади евра. Другите ќе ги раздадам по пријатели. За мене, колку за нормален живот. Нема да ги калапам во банки.
Неда Цуцулоска: Многу пари се, ама кај бабите не се чуваат. Ќе купам што сакам, да живееме колку за опстанок, за храна, за дрва, за апчиња, оти пензијата ми е куса. Ќе се отчестам и со седумте внуци да отворат фабрики, да се вработат.
Орде Николоски: Да земам уште една куќа, две. Помош на децата, на внучиња. Ваму-таму, за помош за инвалиди, за многудетни фамилии, ќе заминат парите. За мене само малку нека останат.
Илин Ѓорѓиоски: За гладните во Африка. Ништо не ми треба, доволно имам.
Тони Бочкароски: Доволно е нова куќа на два ката. Борчојте да се платат. Детето да се дошколува. За одмор, за мотор Харли и другите ќе ги ставам за вежбање кунг-фу.
Мажите, без двоумење, би фрлиле многу пари за жени и убав, лесен живот
Орхан Ташоски: Само за убави и доброградени жени. Ќе бидам газда во центарот. На мајка му на Севѓул ќе í направам бања. Две соби, салон, кујна, посебна соба со спална за секс… Другите за шетање низ центар, за релаксирање.
Игор Талески: Би купил сопствен остров. И на најблиските би им купил острови, секој посебно да живее. Островот би го збогатил со жени и забави.
Ибраим Ибрајмоски: Ќе шетам каде што е најубаво. За жени ќе расфрлам колку што треба.
Синиша Новески: За жени и за годишен одмор на тропски остров. За бизнис и ќе донирам за хуманитарни цели.