Воденици во Подмол, Лопатица и Бонче

Ziva istorija za seloto Marul - Tome VeljanovskiНа источната страна на Пелагонија лежи селото Подмол поделено на два дела од бонечката река. Селото броело до 80 домаќинства, а сега нема ни половина. Главно занимање било земјоделието, сточарството и лозарството. Имало посебна традиција за берење грозје. Се чекале гости, поседалки моми, од роднини и пријатели. Се правела богата гозба полна со разни јадења и пиења. Дури и гајди писнувале, галел кавал и ‘рскал тапан сред село. Гроздоберската традиција се пренесувала стотици години.  

Според легендата, селото го добило името по тројца браќа. Тие создале фамилии и се поделиле. Секој тргнал по својот пат и замисла да најде погодно место за живеење на семејството. По извесно време, тројцата браќа се нашле и се прашале за своите живеалишта. Првиот брат на прашањето, “Како ти е местото брате, каде што живееш?”, одговорил: “Браќа, мене ми е убаво покрај крабрежјето на езерото. Населбата личи како на срп.” Од тој збор, местото на живеење го добило името селото Српци. Вториот брат одговорил: “Мене, браќа, ми е добро покрај водата на езерото.” Од зборот добро, местото го нарекле Добрушево, каде што е денешното село. Кога го прашале третиот брат” “Брате, какво е местото што го одбра?”, тој им одговорил: “Браќа, местото ми е убаво, само малку е подмолито, подкопано од водата на реката”. Од тој збор подмолито, населбата ја крстиле со името Подмол.

Некогаш селска слава била Св. Тодоровден, која ја смениле во Св. Димитрија, според името на црквата каде имаше и селско училиште, градено во 1930 година.

Подмол се развил во современа населба, со водоводна мрежа од земјени ќумци, кои денес се најдуваат кај училиштето, каде биле и гробиштата. Но, оти водата не прокиснувала, се покажувала како нечиста. Црквата со гробиштата ја преместиле, а богатите се погребувале во месноста Ѓокоец, каде денес се ископуваат археолошки наоди. Закопаните великани во осојницата се сметале за божји чеда. Нужно било да се погребуваат на повисоко место од своите слуги и робови. Во старо време, подмолската поштарска коњаница, аберџии, била многу ефикасна. Сите пораки ги пренесувала до Стибера, Бучин…

Воденици имале Сиџимови со Бошевци, Тошевци со Ивановци и Блаже Илиоски, Лозановци со Катиновци, Бошевци со Дамјановци, по една заедничка, како и Ваковската и на Блаже Илиоски на ветер. Ваковската била дел од црквата. Приходот одел за храмот. Раководел селскиот притроп, клисар, кој го плаќале жителите на селото.

Во подножјето на планината Бобишта, лежи селото Лопатица со 40 домаќинства. Денеска нема ниту пет. Планинското место е обрасното со разновидна шума, главно даб. Течат два планински потока со ладна, чиста вода. Лопатичко е богато со стебла на круши. Жителите живеат од земјоделие, жито, тутун, бостан… Синорот е доста голем. Има селска црква Св. Никола, која го слави денот летен Св. Никола. Основното селско училиште е градено во 1946/47 година. Селаните порано располагале со воденици за мелење брашно. На дел од жителите, млиновите на вода им биле извор за живот. Лопатичани се познати и добри мајстори за плетење од леска кошеви за жито, за слама и сено, табли, кошници,… кои ги продавале.

Според легендата раскажана од постарите, селото го основал некој овчар по име Лопатин пред векови. Името го добило по женскиот пол Лопатин – Лопатица, по неговата жена за полесно изговарање. Со Пелагониското езеро, развиена била дрвно занаетчиска работилница за делови за кајчиња и за другите домашни потреби. Мештаните носеле со кајчињата и продавале дрвени предмети преку езерото во тогашните градови. Група од лопатичките трговци отишле на западната страна и откриле убави букови дрва. Некои се преселиле и основале нова населба, втора Лопатица. Местото каде растеле буките било толку силно и буките изгледале како црни. Местото го нарекле Црнобуки. Откако се судриле со со сабјите кај мариовско, планината ја расцепиле, а водата истекла од мариовско море. Попуштиле природните брани и водата истекла во Егејското море. Сите села покрај крајбрежјето се преориентирале на земјоделие и сточарство. Во реките со големите води направиле воденици. Така лопатичани изградиле шест воденици, Степаноска, Декароска, Здравеска, на Крстеска, на Топовци и на Тресигововци.

Во западниот дел на подножјето на Селечка планина се наоѓа селото Бонче. Некогашното старо село лежи во јужното подножје. Пред многу години, еден овчар навлегол во џунглата и нашол едно место заштитено од ветер, со убава сончева топлина и доволно вода. Човекот направил колиби и трла за фамилијата и добитокот. Заседнал. За добитокот обезбедил ѕвонци клопотарци, клокачки или чакарки. Кога ќе ги пуштел на пасење, ѕвонците и клопотарците силно тропале и од нивниот одѕив од камењата се слушал повратен глас “Боом-чее, Боом-чее, Боом-че, Боом-че”. Од тој убав, мелодичен глас на ѕвонците и клопотарците, местото на кое се населил сточарот го добило името Бонче.

Населбата растела и се создало селото Бонче. Чумата го пронашла и го опустошила селото. Преживеаните се преселиле на скришно место на денешната локација на селото. Новото место меѓу три реки се разделило на четири маала. Низ селото врви огромно количество вода, за потребите на жителите па и за другите села. Без бонечката вода, нема да преживее ниту Подмол.

Според кажувањето на Тренчо Мојаноски, селото нараснало на сто домаќинства со 900 жители и до осум илјади разновиден  добиток. Покрај земјоделието, тутунот, лозарството и пчеларството, побогатите направиле воденици. Селска слава е Св. Јован, на 22 мај. Селото има изградено училиште во 1928 година. И бончани се прочуени мајстори за плетење на кошеви.

Имало девет воденици. Стопани биле Илија Бајмата, Кукларовци, Стојковци, Топчија, Мојановци, Славковци, Тантушовци, подмолецот Блаже Илиоски, а Сокле Мојаноски им ја продал на Дамјановци и Мојановци.

Томе Велјановски – Марулецот Гетеборг, Шведска

Loading