ПРЕМИЕРА НА КОМЕДИЈАТА ПЛЕН

Утревечер на сцената на театарот

Plen - crna komedija“Погребални игри”, односно “Плен” од Џо Ортон, во режија на Југослав И. Кочоски е новата претстава, која ансамблот на театарот премиерно ќе ја прикаже утревечер од 20 часот.

На Кочоски ова му е прва соработка со театарот. Вели дека два текста од Ортон, од петте што ги имал прочитал, му останале во сеќавање како пиеси кои даваат огромен материјал за актерска креација. Затоа одлучил еден да постави на сцената.

– Текстовите имаат исчашени ликови, случки и ситуации и изобилие од црн хумор. Близок е до нашиот смисол за хумор. Така се сетив за Ортон и за избрав, оти публиката сака и цени добра комедија. Поинтимна причина за изборот е и тоа што биографијата на Ортон е како излезена од неговото сопствено перо, полна со фарсични животни ситуации и комика, за да заврши многу рано со еден трагичен настан погоден од болна љубомора и невозвратена љубов. Текстот е  актуелен, како пишуван за кај нас, иако се работи за Англија во раните 60-ти. Нема потреба од никакви интервенции да стане јасно што се случува на сцената педесетина години напред во времето и во сосема друг, специфичен простор каков што е Балканот. За нас е малку неразбирлива можеби со односот меѓу католици и протестанти. Но, тоа не е проблем, бидејќи имаме доволно слични поделби што и помалку просветената публика ќе сфати за што се работи – вели Кочоски.

Тој се надева дека публиката ќе се смее и ќе се замисли за некои работи.

– Би сакал, повеќето луѓе што ќе ја гледаат претставата да заминат со измешани чувства, бидејќи тоа и е целта на црната комедија и на англискиот хумор. Животот знае да биде доста црн, но и смешен на моменти. Единствениот начин да се победи црното е да му се потсмеваш, барем додека можеш. Присуството на смртта, односно покојната загатнува размисли за тоа што денес нам ни е свето, во што веруваме или не веруваме и како го покажуваме тоа. Дали парите се доволна причина одеднаш да ги снема сите табуа и сé да биде оправдано да се стигне до нив? Колку е оправдан одговорот на синот, кога таткото во очај ќе крикне “Мајка ти беше, зошто не плачеш? – Ама, сега е прав и пепел, тато”… Се надевам дека на сцената ќе донесеме многу интересни карактери кои смешно и невообичаено реагираат во ситуациите што нивниот живот им ги наметнува и имаат одредена зацртана цел што се толку решени да ја остварат без оглед на сé. Упорноста по секоја цена знае да биде смешна – истакнува Југослав.

Задоволен е од соработката со театарот.

– Им се заблагодарам на сите соработници затоа што професионално ја вршеа работата и на секој можен начин се обидуваа да ми помогнат. Најблагодарен сум им на актерите со кои имавме прекрасен процес со позитивната енергија и елан за работа, што е многу поважен од реалните технички услови. Додека ја има таа волја, театарот ќе ниже успеси. Се надевам на продолжување на  соработката и на други претстави, како со нив, така и со сценографот Маневски – додава режисерот.

Ја издвои и соработката со Пеце Ристески, без чиј несебичен труд и енергија, голем дел од сцената би изгледала сосема поинаку.

Играат: Марјан Чакмакоски, Јасмина Мицовска – Станкоска, Михајло Миленкоски, Димитар Црцороски и Александар Тодески. Сценографијата е на Бојан Маневски.

Loading