ПОКУДА

ivce1Ќе се донесувал закон за алтернативната медицина. На таа тема разговара новинарот со заменикот министер за здравство. И порано сме пишувале дека ЗАМЕНИК МИНИСТЕР е звање, титула. Исто како ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАТЕЛ, ЗАМЕНИК ПРЕМИЕР и слично. Обраќањето спрема тие господа треба да биде целосно – ГОСПОДИН ЗАМЕНИК ПРЕМИЕР, ГОСПОДИН ЗАМЕНИК МИНИСТЕР и така натаму. Во горниот случај новинарот се обраќа вака: “Замениче, какви закони ќе се носат”? Таквото обраќање – ЗАМЕНИЧЕ, е приземно, потценувачко па дури и простачко. Непристојни се обраќањата МИНИСТРЕ, МИНИСТЕРКЕ и слично, а ги слушаме редовно. Обраќањето мора да биде целосно – ГОСПОДИН МИНИСТЕР, ГОСПОЃО МИНИСТЕР и така натаму. А треба да се избегнува и вокативната форма.

Ќе набележиме уште неколку грешки, онака како што сме ги забележале.

Се случи поплава. Добиваме информации од најзагрозените подрачја. Еден новинар, известувајќи, се прашува: “Зошто е волку раширена Брегалница”? Оваа грешка со прилогот ОЛКУ ја слушаме мошне често. Токму така. Тој прилог гласи ОЛКУ, а не ВОЛКУ.

Понатаму. Следиме контактна емисија на некоја наша телевизија. Темата е нешто во врска со вакцинацијата на децата. Дали треба вакцинирањето да биде задолжително? Се јавува извесна госпоѓа, се претставува како добар познавач на односната проблематика. Вели дека треба убаво да се провери дали детето кое се вакцинира е сосема здраво да го поднесе тоа. Таа вели: “Детето треба да биде подвргнато на детален преглед”. Глаголот ПОДВРГНУВА го нема во нашиот јазик. Според тоа и придавката ПОВРГНАТ (подвргнато) не треба да се употребуваат. Нашиот збор е ПОДЛОЖЕН (подложено, подложена). Детето треба да биде ПОДЛОЖЕНО (не подвргнато) на детален преглед.

Во дневен весник читаме ваков наслов: “Червар си го препишува успехот на Обрван”! Значи, од ова излегува, дека успехот што го постигнал Обрван со ракометарите, Червар го смета за свој успех. Но, сосема погрешно е ако се рече дека Червар си го ПРЕПИШУВАЛ успехот. Тој си го ПРИПИШУВАЛ успехот, а не си го ПРЕПИШУВАЛ. Тој не вршел ПРЕПИШУВАЊЕ на успехот од Обрван, туку си го ПРИПИШУВАЛ, си го ставал на свое конто, го сметал за свој. Еве, само една буква е во прашање но грешката е голема. Да се ПРИПИШУВА и да се ПРЕПИШУВА не е исто.

Именката ОБАВЕЗА ја нема во нашиот јазик. Според тоа и придавката ОБАВЕЗНО не треба да се користи. Но, тоа се прави многу често. Буквалниот превод на таа српска придавка би гласел ОБВРЗНО, но не е многу погодна. Најдобро е ако се рече – ЗАДОЛЖИТЕЛНО. Еден наш спортски новинар, очигледно, знаел дека не треба да се употребува ОБАВЕЗНО, но не можел да се ослободи од буквалниот превод и си создал нова придавка. Тој вели: “Со ваква игра ОБВРЗАТЕЛНО е да дојде до пад”. Ја избегнал запорничава придавка ОБВРЗНО, но измислил друга, уште понезгодна. Навистина, увото тешко ќе го прими зборот ОБВРЗАТЕЛНО. Зошто да не ЗАДОЛЖИТЕЛНО? Тоа е најдобро и најточно.

Еден друг колега на споменатиот коментатор го кажува своето мислење за тоа како ќе треба да се игра за да се постигне добар резултат. Вели дека за тоа треба играчите да запнат ДО ДАСКА. ШТИЦА е кај нас, а не ДАСКА. Ние немаме таков израз “Да запнат до штица”. Ниту пак некој не тера да го употребуваме или да го преведуваме српскиот израз. Зошто да не се рече дека треба да запнат од ПЕТНИ ЖИЛИ?

Истиот тој новинар зборува за важноста на натпреварот, за важноста на резултатот. Вели дека тој натпревар ќе ги одредел СМЕРНИЦИТЕ за понатаму. Македонскиот збор е НАСОКА, а не СМЕР. Натпреварот можел да ги определи натамошните НАСОКИ, а не СМЕРНИЦИ.

Во една контактна емисија се јавува извесна госпоѓа која сака да пофали некого. Вели: “Сакам да му упатам еден убав комплимент”. Бидејќи не постојат грди комплименти ние ќе се послужиме со зборот ПОКУДА. Ситуацијата со нашиов јазик заслужува покуда. Голема!

Благоја Ивчески

Loading