ЗДИВОТ НА ТИШИНАТА

Манастир Свето Преображение, Зрзе

– Ја штити Пелагонија чудотворната икона на Богородица Пелагонитиса со Исус што го менувала местото на Божјиот син

Pulsot na prirodata i duhot vo manastirot vo ZrzeСе оконча реконструкцијата на манастирскиот комплекс Свето Преображение во селото Зрзе со поддршка на Министерството за култура. Обновено е внатрешното уредување на монашкиот конак во кој е предвидена работилница за иконопис, копаничарство и други дејности кои ги негува монашкото братство. Се реконструира и магерницата. Беа преземени работи на конзервација, реставрација и делумна реконструкција на кулата до влезната порта и делумна реконструкција дел од бедемот. Се изведе и таканаречената Горна порта, паралелно со партерното уредување на целиот манастирски комплекс. Проектот за заштита на овој значаен споменик на културата е дело на стручните служби од Заводот и Музеј. Манастирот веќе не е отсечен и непристапен, посебно зиме. Од неодамна е изграден и патот за полесно пристапување до православниот дом, во чиј центар се најдуваат цркви, а под нив, во бигорната карпа, пештерска ранохристијанска базилика од 5 век.

 Намерникот кој ќе го посети ќе биде воодушевен од божјата милост и духовниот мир. Се закотвил на карпест “остров” манастирот.  Солзите натежнуваат на клепките, како зрно грозје, од веселиот звук на древните ѕвона, а душата жедно го впива богатото манастирско руво. Камените градби проѕирни се како стакло. Карпата зрачи духовност, оти монасите давале завет како “виулица”. Се молеле, самувале, тихувале, солзеле, се радувале, избраздувајќи ја карпата и прилагодувајќи ја за свој дом.

Не го врти грбот закрилничката

Во бигорниот манастир во Зрзе, се издвојуваат седум ката со повеќе од 30 градителски облици: цркви, тихувалишта, ќелии поставени во низа, работилници за обработување на коски, ќерамички производи, лабораторија за бои, јами. Тука се плетеле бројаници, се изработувале кошници од прачки, се плетеле јажиња за качување по ќелиите, се преведувало, се препишувало. Срцето на бигорната монашка населба е пештерната фрескописана црква. Во божјиот храм над неа е сместена чудотворната икона на Богородица Пелагонитиса од 1422 година. Се раскажува дека таа го менувала местото, не сакајќи да му врти грб на синот Исус. Била закрилничка на Пелагонија.

Тука, во ова “орловско” гнездо, каде слободно ги шират крилата и јастребите, умешност е да изделиш диво од питомо. Мислите леани во тага, ветре ги разносува насекаде и ги распрашува низ аромите на лековитите билки, чии мешавини лете дејствува како мелем и ја прави душата полетна.

Спасена овчарската црква

Во манастирот негувала копаничарската вештина, со плитка резба, со орнаменти од ореово дрво. Од 18 век црквата од северната страна е обновена. Позната е како Овчарска, по манастирскиот овчар, кој се спротивставувал на злосторниците кои сакале да го уништат манастирот и кој често бил ограбуван и разурнуван.

Низ свежиот манастирски извор Бојаник, се наслушува пулсот на целата природа. Во дворот крошнесто се разгранил древниот орев. Околината е начичкана со дабови дрвја. Шумолат лисјето под нозете громовито во планинскиот декор со духовна воздишка. Крцка природно совршенство. Дарот Божји е под “конец”.

Долу е волшебната долина, а горе хармонична небесна и позлатена, кристална проѕирност зиме, небо извезено со ѕвезди лете, кои во темнината паѓаат како искинати воздишки. Низ смиреноста клокоти живот. Бесшумноста проникнува нежно и допира до емотивната човекова жица.

Во манастирот има секојдневни богослужби, а славата е во август, на празникот Свето Преображение. Монасите изработуваат икони во традиционална техника со позлата и природни бои.

Конаците дишат во камено руво со чистина и свежина. Интимниот амбиент во дворот хортикултурно суреден со зимзелен декор, го надополнува малиот рибник и дрвената ниска масичка како синија, околу која се наредиле како бисер троножни столчиња. Рибите не се храна на дузината мачки кои се плеткаат низ манастирот, правејќи метеж.

Блика вознес. Затоа велат, “ако сакаш да ја видиш долината, качи се на врвот на планината, ако сакаш да го видиш врвот на планината, качи се на облакот, но, ако сакаш да го видиш облакот, затвори ги очите”. На 34 километри од Прилеп, манастирот Свето Преображение блика мудрост и буи духовност со вгнездена многувековна приказна на илјада метри надморска височина на планината Даутица.

Loading