ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 11

Празнична ноќ

Радобил наречен Радо, иако БД, т.е. бездомник, за своја среќа немаше престанато да мечтае. Пред цела вечност избегал од својата татковина и во друга држава станал политички бегалец. И сега, легнат покрај еден друг клошар, засолнати во тремот од некоја станбена зграда, Радо сонува дека над градот почнаа да паѓаат големи снегулки. Се виде себе си во природа опколен со белите цветови од јаболкници, со виолетови цветови од јорговани и праски. Кристални води трчаа брборејќи, а шарени птици се довикнуваа застанати на гранките. Високо на небото пискаше еден орел – царска птица. А тој, Радо, како во времето на своето детство во далечната татковина, кинеше гроздови од белите цветови на багреми и ги џвакаше со наслада, уживајќи со слатката течност што ја цедеше од нив. Но, тврдиот “кревет” на кој беше стуткан, го разбудија студот и гладот што го измачуваа. Клошарот, кој дошол пред него и легнал на тоа место, доби напад од кашлица, потоа, вртејќи се за да заземе друга положба, го кутна празното шише до него од еден литар вино, и пак заспа.

 “Треба да станам и да поодам малку” – си рече Радо сиот здрвен. Излезе на улицата и заоди накај некоја кутија за ѓубре што провидението би му ја предложило, и во која би можел да најде остатоци од јадење што некој фрлил во неа. Набргу неговата коса и облеклото во жална состојба беа покриени од снегот што тивко идеше од невидливите небеса.

Таа ноќ беше празник. Населбата блескаше од украси и размигани светлини. Рестораните, кафаните, баровите беа преполни од мажи и жени кои јадеа, танцуваа, се смееа. Одеднаш се појави еден автомобил, одејќи со голема брзина.

Радо си рече – “Овој е веќе пијан”, кога возачот сопре и покоси една жена на тротоарот, потоа, после подолго слизгање, се оддалечи со се поголема брзина. Жената стана и со несигурни чекори влезе во тремот од зградата до која пред малку падна. Радо ја виде како се струполи на плочките. И тој влезе да í укажи помош. Го вклучи осветлението и се загледа во несреќената. Виде дека таа е млада девојка со коса со чудна боја и со метален одблесок. Десното око и беше дупнато и истечено, а раката од истата страна и беше скината и, слизната надвор од искинатиот ракав од палтото, гола лежеше до неа.

– Ќе одам да барам помош, рече гласно за себе Радо.

Левото око од девојката се отвори и со здравата рака го фати и како менгеме му ја стегна китката. Не, изговори девојката, земете ја мојата пресечена рака и помогнете ми да станам. Радо махинално го задоволи нејзиното барање. Тетеравејќи се, се потпре на него, но нејзините прсти надарени со извонредна сила не ја пуштаа китката од десната рака од клошарот.

– Госпоѓице, тешко сте ранети, треба брзо да отидете на болница!

– Не, не на болница, ајде да слеземе кај визбите.

Заедничката врата од визбите сама се отвори кога се приближија до неа. Радо пак стегна едно петличе ода да го запали електричното осветление.

– Помогнете ми да го соблечам палтово.

Веднаш го забележа делот од скинатата рака кај рамото и вџашен виде како нов крајник почна на очиглед да расте, на местото од откорнатата рака. Кога го погледна лицето од девојката, ја подотвори устата и ги ококори очите од зачуденост. Уништеното око и целиот дел од лицето што беше покриен со крв исчезнале заместени со здраво око и со лице без трага од некоја оштетеност.

 “Мигновна и целосна регенерација!”, му довикнаа спомените од времето кога одел на училиште и учел за хидрата, за земјениот црв, за заздравувањето на раните. Си рече дека човечкото тело треба да располага со она што е потребно за регенерација на изгубените органи, и дека кога науката најпосле ќе дознае како да го активира тој природен механизам, нема повеќе да има сакати луѓе.

– Зачудени сте? – се насмевна девојката.

– Да, госпоѓице.

– Се викам Еси, а вие?

– Радобил, ама сите ме познаваат под диминутивот Радо (Види, види, еве почнувам полека – полека коректно да зборувам!).

Еси ја зеде својата мртва рака, ја скри под палтото и го запетла. Со тон како да констатира нешто очигледно му рече:

– Гладни сте, не знаете каде да одите во оваа празнична ноќ. Дојдете со мене.

продолжува

Loading