ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 30

– На еден специјален курс, му одговори неопределено, и тој не инсистира да добие појасен одговор, оти навистина Лидија зборуваше американски сосема нормално, како Американка, а не со тешкотија како нејзината покојна сестра Темјануга.

Го посетија гробот од починатата со букети цвеќиња. Како и Темјануга, и Лидија предизвикуваше кај Џорџ некаква фасцинација, што тој не можеше рационално да си ја објасни. Со изненадување ги гледаше фотографиите што му ги покажа од неа и од сестра í како јаваат без седло коњи, трчаат боси по родната планина, се капат во блиската река…

– Па вие сте биле вистински амазонки-  извикна младиот доктор, на што Лидија само се насмевна.

По неколку месеци докторот Џорџ и Лидија Сотирова се венчаа. Многу се засакаа. Бракот им беше среќен и весел. Докторот никогаш не дозна дека сестрата од покојната Темјануга, Лидија, починала во Македонија три години пред Темјануга да допатува во САД. Ако ова докторот го дознаеше, неизбежно ќе си го поставеше прашањето која е младата жена, неговата сопруга, што личеше како капка вода на капка вода на Темјануга?

Двобојот

Полноќта беше мината кога персоналот од кафе-ресторанот, сакајќи да заврши со работата и да оди на спиење, пријателски нé истера на тротоарот пред нивното претпријатие. Седејќи сам со испиени две чаши алкохол, ги набљудував неколкуте клинети расејани по двајца или повеќе околу масите. После “изгонувањето”, ги видов истите муштерии, на кои не им се брзаше да се вратат дома, како продолжија со разговорите стоејќи на улицата. Еден од нив, сам како мене, изгледаше поднапиен. Како да се колебаше на каде треба да оди. Неговиот поглед запна на мојот. Ми рече:

– Навистина ова е работа на ѓубриња!

– Што?

– Ами една саботна вечер да затворат на полноќ. После полноќ, овој пален град станува пустина. Нема никаде каде да се оди на муабет и да се испие едно чаше. Човек просто да полуди во ова село.

Се насмевнав:

– Да, но ова сепак е многу големо село!

– Ич гајле не ми е дали оваа пустина е село или голем град. На вечер нема ниту куче да лавне, ниту петел да запее.

Малку потоа се претставивме едниот на другиот:

– Можеш да ме викаш Сил, ми рече.

– Јас сум Венко, одговорив.

Во недалечна улица откривме отворен кафе-ресторан што работеше до два-три саатот наутро. Се наместивме на една маса. И покрај неколкуте арготски зборови што ги употребуваше, Сил не оставаше впечаток на човек кој го запрел своето учење на нивото од основно училиште. Спротивно, се чинеше дека е снабден со “багаж” на општа култура. Со кревање чаши и со разговорот дојдовме најпосле до неговото приземјување во јужноамериканската џунгла.

– Тогаш, земајќи го во предвид тој дефект, морав присилно да се спуштам среде во џунглата. Имавме среќа. Се извлековме без големи штети. Сите шестмина се упативме кон градот.

– Град среде џунглата…?, се зачудив.

– Точно така. И јас бев изненаден кога го догледав малку пред приземјувањето. На тоа место, со стотици километри наоколу нема градови, ништо друго освен неистражена џунгла од страна на цивилизираниот човек. Си ја “кубевме” косата од прашања! Човек си замислува дека ја познава оваа земја и, најпосле констатира дека за неа се знае помалку отколку што се мислело.

– Белите петна…

– Точно, се согласи со мене Сил.

– Шесмината спасени од авионот тргнавте кон тој град среде во џунглата…

– Да, и не беше лесно да се оди низ бујната и густа вегетација. За среќа, градот не беше далеку. Џунглата завршуваше одеднаш, неочекувано, како со нож пресечена околу градот. Ама каков град! Немав видено нешто слично. Сјаеше на сонцето како да имаше на ѕидовите залепен истолчен момирок. Овде-онде се издигаа огромни мермерни столбови, на чиј горен крај носеа големи сфери направени од не знам каков материјал. Ноќе тие глобуси дифузираа слаба светлина, одморувачка, доволна да може да се чита книга без дополнително осветлување.

(продолжува)

Loading