ДЕЛА ОД МАЛ БИТОЛСКИ МОНМАРТР

Изложба

Изложба на дела од манифестацијата Мал Битолски Монмартр од детското ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” ќе биде отворена на 6 декември од 13 часот во ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков”. Делата се создавани од бројните учесници од целиот свет.

Ликовното студио “Свети Кирил и Методиј” е основано во  1968 г. како визија која низ годините премина во основна мисија на идејниот творец, ликовниот педагог Коста Хаџи- Антоновски. Од 1981 година детското ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” е организатор и реализатор на двете најголеми детски ликовни манифестации на глобално ниво. Светската детска ликовна изложба “Битола”, на чиј конкурс во една календарска година се пријавуваат над 80 држави со околу 45.000 детски ликовни творби од над 35.000 ученици од над 800 приватни и државни школи. Со над 2.000.000 детски ликовни цртежи од постоењето, во 1995, 1996 и 1997 година трипати е заведена во Гинисовата книга на рекорди како најобемна по пристигнатите изложени дела.

Малиот Битолски Монмартр, на покана на ИОК, е редовен гостин на Олимписките игри од 2000 г. како промотор на уметноста. Бил на шест Олимпијади без прекин, во Атина, Сиднеј, Пекинг, Лондон, Рио Де Женеиро и Токио. Во 2О24 година е гостин на Олимписките и Параолимписки игри во Париз.

Мал Битолски Монмартр како светска детска ликовна колонија без прекин се одржува од 1981 г. и е засебно првата светска детска ликовна колонија од која никнале сите останати како колониите во Хонг Конг – Кина; Пиатра Неамт – Романија; Белград – Србија; Евора – Португалија; Пловдив и Софија – Бугарија. Во најава е следната во Тел Авив – Израел.

Традиционално секоја година творат учесници од целиот свет  при што за  седум колониски дена на тема староградска и урбана архитектура се создаваат околу 500 детски ликовни дела. Од основањето ја посетиле над 8.000 ученици од целиот свет, кои оставиле фонд од над 25.500 ликовни уметнички дела.

Низ Детското ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” поминале над 5.500 ученици, млади ликовни уметници кои бесплатно се едуцираат во објектот во кој е сместена и единствената Детска ликовна галерија на Балканот “Монмартр”.     Само за школската 23/24 година во студиото членуваат над 120 ученици.

Loading