„ПОГЛЕД КОН НЕДОГЛЕД“ ОД МАРЈАН СТОЈАНОСКИ

Во Струга

Со изложбата “Поглед кон недоглед” академскиот уметник Марјан Стојаноски деновиве се претставува во Струга. Содржината е виорен енергичен јазик во асоцијативно-апстрактните композиции кои понесуваат моќна експресивност.

– Комбинирајќи цртачки и сликарски техники, тој создава слоевита, комплексна и динамична содржина, богата со контрастна изведба на линиите и боените површини. Слободната имагинативна изразност произлегува од раскошниот семиотички јазик применет за креирање на асоцијативните апстракции. Од вкупната хипнотизирачка комплексност на метафоричните синтагми провејува чувство на леснотија и безгрижност, вовлекувајќи го погледот во бескрајната длабочина на фантазијата. Секоја визуелна содржина пренесува таинствена и интуитивна приказна создадена под влијание на мигновена импресија на уметникот. Апстрактните облици произлегуваат од бескрајно црнило и сивило кои наѕираат пробивно од длабочината на позадината. Контурните јагленови линии конструираат разни облици кои асоцираат на човечки фигури, архитектонски градби, а понекогаш и предмети. Експресивните и колоритни слоеви создаваат енергична врска со останатите елементи и ја оживуваат содржината на композицијата. Колоритот на одредени површини потсетува на прозрачен нежен превез, а на други бојата е експресивна и потентна. Амбиентот во слободната отворена композиција оддава впечаток на фрагмент од сон или спомен. Интензивните колоритни симболи и знаци навестуваат богат субјективен семантичен јазик создаден во текот на повеќегодишно ликовно истражување. Со стилизирање на динамичните форми и живописните површини уметникот создал автономен и специфичен ликовен стил – вели м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.

Претставувањето на Стојаноски во Струга, доаѓа откако имаше успешна изложба во Тирана.

Loading