СЕ ЗАШТИТУВА ВРЕДНИОТ ИКОНОСТАС

Во црквата Св. Благовештение

Во црквата Св. Благовештение при крај е трета фаза од реставрацијата и  заштитата на вредниот иконостас, еден од најзначајните во Македонија, стар 185 години.

– Се конзервира и се реставира иконостасот и од предната и задната страна, на конструкцијата и на резбата и на вградените икони. Се третираше јужната страна, се вршеше микро и макро чистење, потоа консолидација на резбата и на конструкцијата, па конзервација и реставрација на вградените икони кај парапетните плочи и во таблите, односно во првата зона. Процесот ќе го завршиме комплетно до крајот на годината. На задната страна почнат е процесот на симнување на мрсна боја, која ги прикрива оштетувањата. Поспоро оди тој процес, но по вадењето на мрсната боја ќе вршиме заштита – вели Оливера Макриевска, советник конзерватор.

Предмет на заштита се и 25 празнични и 12 престолни икони и медаљони, како и четири на дверите.

Од Заводот и музеј велат дека в година треба да се заврши со статиката на иконостасот и комплетно да биде завршена неговата заштита, бидејќи и вредно културно наследство и еден од најубавите во Македонија.

Иконостасот од црквата Св. Благовештение е ремек дело на мијачките мајстори. Датира од кога е градена црквата. Изработен е од ореово дрво, долг е 16 метри, висок 6,2 метри изработен од тајфата на Петре Гарката и неговиот зет Димитар Станишев. Тој е вредно уметничко наследство не само за црквата, туку и за музејот.

Црквата Св. Благовештение изградена е од познатите прилепски мајстори Коста Лауцо и Ристе Тасламиче во 1838 година со димензии 32 м. должина, 26 м. широчина и 9 м. височина. И ден денес е духовен  храм за прилепчани.

Loading