ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 28

Мистерија

Темјануга се гледаше себе, чупе на 15 години јавнато на белиот коњ од татко и, како галопира со косата развеана на ветерот. Коњ истоимен како и оној од Александар Македонски, Бикоглав (Букефал). Другиот коњ покојниот í татко, кој многу ги сакаше тие благородни четириножни придружници на човекот, го нарекол Шарец, по коњот од прилепчанецот Крали Марко, опеан во народните епски македонски песни. На Шарец беше качена, како и таа наголо, сестра í Лидија. Насмеани, како млади амазонки бодинаа двете сестри по патишта и беспатици и меѓу нив и коњите постоеше некаков премолчен договор за пријателство…

Се гледаше Темјануга како боса трча по карпите, низ планината, низ гранитот што го газеле нозете од комитите. Пролет, експлозија на воскреснувањето по дрвјата во форма на разнобојни цветови, бели, лилави, големи, мали… Таа и Лидија, фатени за рацете, облечени во долги до земја бели фустани, чекорат низ тој волшебен свет. Кристални води се истураат од зелените карпи во реката каде се капат диви, прекрасни, самовили, нимфи, женски божества на шумите, на водите, на цвеќињата…

– Докторе, кога ќе умрам?, праша со својот релативно скромен американски јазик.

Докторот, Џорџ, млад човек со бело-розово лице, руса коса, спортски тип, ја погледна со своите сини очи.

– Никогаш – се насмеа.

– Докторе, ветете ми нешто.

– Што да ви ветам?

– Кога ќе умирам, да седнете до креветов, и да ми ја држите раката.

Докторот малку се вцрви, го избегна нејзиниот поглед, потоа одговори.

– Можам и сега да ви ја држам раката.

Темјануга му ја подаде раката, докторот ја прими во својата и останаа така поврзани преку тој контакт.

– Значи, докторе, сега умирам?

– Не, само ви ја зедов раката, оти ми го побаравте тоа.

Темјануга по неколку минути пак отиде некаде, летна, се изгуби надвор од болничката соба. Докторот í ја пушти раката и излезе. Една болничарка го праша што прави болната.

– Зборува нешто на својот јазик. Се губи, и пак и се враќа луцидноста.

– Штом зборува на својот јазик, значи агонизира. Оние кои умираат, агонизираат на својот јазик – забележа болничарката.

– Ако има нешто ново, викнете ме – рече докторот и се оддалечи низ ходникот.

Темјануга ги гледаше божиците, самовилите, како играат оро на брегот од реката, додека други, млади девојчиња, всушност деца-самовили, со проѕирни крилца, се капеа и нивните гласови со златен, сребрен или кристален призвук ветерот ги разнесуваше низ планината. А таа леташе над нив со Бикоглав кој во еден момент се спушти на една висока спила, ги собра крилјата и остана под неа неподвижен. Неопишливи миризби и бои трепереа насекаде. Над децата-самовили во нивната река, реката до нејзиното родно место, постојано се шаренееше едно мало виножито, на кое водата паѓаше во каскади од високите карпи. Одеднаш се исчезна. Се виде себе си како рее во болничката соба близу до таванот. Под себе го гледаше своето тело легнато на креветот. Околу неколку доктори и болничарки нешто работеа. Реејќи, излезе од собата и продолжи да лета низ ходниците од болницата. Виде пред себе некаква голема светлина од која зрачеше пријателство и кураж. До нејзините уши и свест допре гласот од докторот Џорџ:

– Темјануга, не си одете, вратете се!

Некој друг глас рече.

– Срцето пак и проработи.

Ги отвори очите и го виде младиот доктор наведнат над неа. Иако не го познаваше пред да ја донесат во болницата, Темјануга интуитивно осозна дека тој има убава и чиста душа како солза. Не знаеше дека на свој трошок, младиот доктор успеа да ја донесат во убавата болничка соба, во која е сама, а не со други болни.

 (продолжува)

Loading