РАСЦВЕТАНИТЕ ЈАПОНСКИ ЦРЕШИ РАЈ ЗА ОЧИТЕ И ДУШАТА

Цутот на јапонските цреши кој деновиве е интензивен создава бајковита атмосфера во старата чаршија. Богатиот цвет на црешата, кој е еден од најубавите во природата, е рај за очите и душата.

Розовата боја ја прекрила уличката која не случајно беше наречена “цветна”, небаре најдобриот сликар ја создал. Владее храмонија и опуштеност кога се минува низ уличката секоја пролет. Цветот е магичен, богат, раскошен. Убава е атмосферата под црешите кои создаваат убави чувства кај минувачите или пак кај оние кои уживаат во околните кафулиња. Комуналците засадија и нови садници во паркот кај Комерцијалната банка. “фтурени” со цут се и помладите кај параклисот Св. Никола

Буи природата по долгата зима. Јапонските цреши, засадени зад старата турска бања, од “грмушки” израснаа во дрвја со бујни цветови. Тие се празник за очите во април. Имаат раскошни крошни. Дрвјата од Далечниот Исток имаат цутови наречени сакура и од дамнина биле инспирација за јапонските мислители, кои филозофирале под црешите, пиејќи саке. Тие биле и симбол на камиказите. Кај нас јапонските цреши кои се листопадно дрво со потекло од Истокот и припаѓа на семејството розацеа, засадени се во 2010 година.

Од пред две години една прилепско – јапонска цреша даде зелен плод.  Луѓето кои ја знаат душата и срцето на чаршија и први разбираат што се случува, откриваат дека оплодувањето е резултат на своевиден ангажман на сограѓанин кој ја калемил јапонската цреша, со наша!

Јапонските цреши со нивниот раскошен цвет се симбол на среќата, минливоста и чистотата на пролетта. Нивната убавина блеска околу две недели. Ги има и на плоштадот „Александрија”. Ако се засадат уште неколку јапонски цреши и на други локации, розевиот цвет на овие раскошни дрвца ќе му даде дополнителна убавина на градот.

Loading