НОВА ЗБИРКА ПОЕЗИЈА ОД МАРИЈА КУЛЕСКА

Збирката на песни “За копнежот, љубовта и зборот” од сограѓанката, писателката Марија Кулеска в понеделник 15 март, ќе биде промовирана во киното Мис Стон.

Авторката нагласува дека стиховите се одраз на доживување кое продира низ духот на индивидуалното, го пренебрегнува времето и просторот.

– Ги допира копнежите на човекот. Го соединува парадоксалното во едно. Како да љубиме и да сме слободни? Како да копнееме, ама копнежот умствено да го насочиме? Збирката е милување на душата и бранување на емоциите – вели поетесата.

Според неа, поезијата е чувствување на пулсирањето на жиличките, кои се под површината на човековото постоење.

– Поезијата е разденување на душата и зората на страственоста на  живеењето. Таа е разлистување на копнежите како што кажува и насловот. Човек ја остава љубовта како завештание зад себе си. Зборот е чувствување, олицетворение на битисувањето. Тој е животворна сила со која човек гради сводови од копнежи и ја искажува љубовта и своето мнение – објаснува Кулеска..

Таа е поет, писател, професор и лингвист. Ова е нејзина прва поетска збирка. По дипломирањето, на 22 години на Филолишкиот факултет во Скопје, на катедрата англиски јазик и книжевност, активно се занимава со писателска дејност.  Пред четири години го издаде првиот роман “Холограм од емоции”.

Loading